МТСП ќе спроведе мерки за унапредување на правата на децата и лицата со попреченост

Сподели

 

Министерството за труд и социјална политика ја известува јавноста дека во соработка со другите релевантни министерства и институции, а врз основа на барањата на здруженијата на граѓани на лицата со попреченост и родителите на децата со попреченост, во 2022 година ќе спроведе неколку мерки кои се во интерес на унапредување на правата на децата и лицата со попреченост:

  • ослободувањето од партиципација за лицата со попреченост над 26 години корисници на правото за попреченост при специјалистичко – консултативна здравствена заштита, болничко здравствена заштита и за лекови издадени на рецепт на товар на Фондот за здравствено осигурување;
  • измена и дополнување на Законот за заштита на детето со кое ќе се овозможи покачување на посебниот додаток за 15% за сите три подвидови на корисници;
  • намалување на возрасната граница за остварување на правото за траен надоместок за родител кој се грижел за своето дете со попреченост до неговата 26 годишна возраст;
  • измена на Законот за социјална заштита со кое ќе се дополни делот за децата/ лицата кои можат да ја користат услугата за лична асистенција и за децата/лицата со комбинирана попреченост, но каде едната од попреченостите е  најтешка телесната попреченост;
  • измена и дополнување на Одлуката за цената на социјалните услуги за 2022 година, каде се предвидува цена за час индивидуален и цена за дневен третман за дете/лице со попреченост од стручен работник во лиценцираните Дневни центри за деца со попреченост, односно 858 денари за индивидуален третман и 1.053 денари дневно по корисник.
  • воведување на Регистар за лицата со попреченост;
  • измена на Правилникот за ортопедски помагала со што ќе се овозможи да се доделуваат ортопедски помагала – чевли на секои 6 месеци за сите возрасни групи;
  • подготовка на нова Национална стратегија за лицата со попреченост 2022-2027;
  • обезбедување на обуки и понуда на работни места за невработените родители на децата со попреченост во услугите од социјалната заштита и во Дневните центри;
  • отворање  на Центар за рана интервенција во соработка со Министерството за здравство и со Граѓанските организации;
  • отворање на 10 станбени единици за живеење со поддршка за 50 корисници од Специјалниот Завод Демир Капија и ЈУ Завод за рехабилитација Скопје.