Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски имаше онлајн состанок со претседателот на Србија Александар Вучиќ и со премиерот на Албанија Еди Рама посветен на идните чекори заедничката препознаена и успешна иницијатива Отворен Балкан.
На состанокот тројцата лидери се договорија дека следниот лидерски самит на Отворен Балкан ќе се одржи првата половина од јуни во Охрид, а на почетокот од септември заеднички ќе се организира голем туристички саем на вино и храна во Србија на кој македонските, албанските и српските производители на вино и храна ќе имаат можност да ги презентираат нивните производи на гостите од регионот и Европа.
На самитот во Охрид ќе бидат потпишани значајни договори и меморандуми за соработка во културата, туризмот и економијата и затоа на овој состанок беа присутни и министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, министерот за економија Крешник Бектеши и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
На состанокот беше истакнато дека Отворен Балкан останува отворена за Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина.