Во напад на украинската морнарица кај Змискиот остров, погоден е рускиот воен брод Всеволод Бобров, при што тој бил оштетен и бил испратен назад кон пристаништето во Севастопол, јавува Укринформ. Во одделен извештај, Би-би-си ги пренесува сателитските снимки од потопен друг руски воен брод кај Змискиот остров, како резултат на нападот на украинските сили на островот кој беше окупиран од руската војска на почетокот на воената инвазија врз Украина.
Украинските власти денеска соопштија нови поразителни резултати од руската воена агресија врз нивната земја. Во гранатирањата и борбите досега се уништени 38.000 објекти за домување на територијата на Украина, при што без покрив над главата останале над 220.000 жители на оваа земја, јавува Укринформ. Финансиските штети од ваквите разурнувања засега не се познати, иако се смета дека се огромни.
Украинското Министерство за финансии соопшти дека Украина од почетокот на руската агресија била приморана да распредели 8,3 милијарди долари за одбранбени воени потреби, додавајќи дека во април успеале да соберат само 60 отсто од планираните даночни приливи. Украина посочува дека ѝ е потребна итна меѓународна помош, бидејќи ќе биде неопходно да издвојат дополнителни средства за одбрана и итни потреби и во наредниот период, пренесува Укринформ.
Украинските воени власти посочија дека во изминатото деноноќие руските сили гранатирале цели во регионите Запорожје и Суми. На североистокот на земјата, од каде Русија претходно ги повлече своите сили од украинска територија, сега повторно се доведува дополнителна руска артилерија. Украина тврди дека намерата на руските сили е да го гранатираат регионот Чернихив, јавува Укринформ.
На истокот на Украина, продолжуваат борбите меѓу руските и украинските сили. Би-би-си ги пренесува информациите од брифингот на британското Министерство за одбрана за уништување на речиси цел руски баталјон од украинските сили при обидот да ја преминат реката Сиверски Донец со понтонски мост. Уништени се десетици руски тенкови и друга воена опрема, додека бројот на загинати руски војници е непознат.
Би-би-си пишува дека руските команданти се под зголемен притисок да одат на јуриш за да напредуваат на фронтот, што било причина за големата загуба при обидот да ја преминат реката во Луганската област. Сепак, информациите на британското Министерство за одбрана говорат дека руските сили успеале да го заземат ближниот град Рубижне и сега од три страни е опколен стратешки важниот град Северодонецк, кој е последен поголем град под украинска контрола во Луганската област./мета.мк