Хероите на апокалипсата – Славој ЖИЖЕК

Сподели

 

Со фактот што Европа продолжува да плаќа милијарди долари за рускиот гас секој месец, таа и понатаму игра онака како што свири Кремљ, покажувајќи на тој начин дека е заробеник на сопственото задоволство. Порано или подоцна, таа ќе мора да сфати дека нејзината реакција на украинската криза е показател за нејзината способност да одговори на уште поголемите перспективни предизвици, пишува Славој Жижек за Республика.

Кон крајот на април 2022 година, неполни два месеци откако Русија ја нападна Украина, светот стана свесен за длабоката промена на тоа што значи оваа војна за иднината. Надежта за нејзино брзо решавање е помината. Војната веќе е чудно „нормализирана“, прифатена како процес што ќе продолжи бесконечно. Стравот од ненадејна, драматична ескалација ќе го прогонува нашиот секојдневен живот. Властите во Шведска и во други земји ја советуваат јавноста да се снабди со залихи за преживување во воени услови.

Оваа промена има свој одраз во двете страни од конфликтот. Во Русија сè погласни се дискусиите за избувнување на меѓународен конфликт. Како што изјави раководителката на РТ, Маргарита Симонјан: „Или ќе загубиме во Украина, или ќе започне трета светска војна. Мислам дека сценариото за трета светска војна е пореално“.

Ваквата параноја е поткрепена со налудничави теории на заговор, дека постои обединет либерално-тоталитаристички нацистичко-еврејски заговор за уништување на Русија. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, на прашањето како Русија може да тврди дека ја „денацифицира“ Украина кога украинскиот претседател Володимир Зеленски и самиот е Евреин, одговори: „Можеби грешам, но и Хитлер исто така имал еврејска крв. Фактот дека Зеленски е Евреин не значи апсолутно ништо. Мудрите Евреи велат дека најжестоките антисемити обично се Евреи“.

Од друга страна, особено во Германија, се создава една нова верзија на пацифизам. Ако ја тргнеме настрана сета возвишена реторика и се фокусираме на она што всушност го прави Германија, пораката е јасна: „Со оглед на нашите економски интереси и опасноста да бидеме вовлечени во воен конфликт, не смееме премногу да ја поддржуваме Украина, дури и ако тоа значи да дозволиме да биде проголтана од Русија“. Германија се плаши да ја премине границата преку која Русија навистина ќе се налути. Но, само Владимир Путин е оној кој секојдневно одлучува каде е точно таа линија. Играњето на картата на страв кај западните пацифисти е главен дел од неговата стратегија.

Обложување на картата на сопственото задоволство

Секако дека секој сака да спречи избувнување на нова светска војна. Но, има моменти кога, ако изгледате премногу претпазливи, тоа само ќе го поттикне агресорот. Насилниците по природа секогаш сметаат на тоа дека нивните жртви нема да возвратат. За да се спречи поширока војна – да се воспостави каков било вид одвраќање – и ние исто така мора да повлечеме јасни линии.

Досега Западот го правеше спротивното. Кога Путин сè уште се подготвуваше да ја започне својата „специјална операција“ во Украина, американскиот претседател Џо Бајден кажа дека неговата администрација ќе мора да почека и да види дали Кремљ ќе продолжи со „мал упад“ или целосна окупација. Импликацијата, се разбира, беше дека „помал“ акт на агресија би бил толериран.

Неодамнешната промена на изгледите открива една подлабока, мрачна вистина за тоа каква е позицијата на Западот. Додека претходно изразувавме стравувања дека Украина брзо ќе биде уништена, нашиот вистински страв беше токму спротивното: дека инвазијата ќе доведе до војна без крај. Ќе беше многу подобро ако Украина паднеше веднаш и така да ни дозволеше да изразиме бес, да жалиме за загубата и потоа да се вратиме на нашата секојдневна работа. Она што требаше да биде добра вест – помала земја што неочекувано и херојски се спротивставува на бруталната агресија на големата сила – стана извор на срам и проблем со кој не знаеме што да правиме.

Пацифистичката левица на Европа предупредува на евентуално повторно прифаќање на херојско-воениот дух што ги проголта претходните генерации. Германскиот филозоф Јирген Хабермас дури сугерира дека Украина е виновна за морална уцена vis-à-vis Европа. Има нешто суштински меланхолично во неговата позиција. Како што на Хабермас му е добро познато, повоена Европа можеше да се откаже од милитаризмот само затоа што беше безбедна под американскиот нуклеарен чадор.

Но, враќањето на војната на европскиот континент сугерира дека овој период можеби заврши и дека безусловниот пацифизам би барал правење на подлабоки и посуштински морални компромиси. За жал, повторно ќе бидат потребни „херојски“ дејствија, и тоа не само за да ѝ се спротивставиме и да ја одвратиме на агресијата, туку и да се справиме со проблемите како што се еколошки катастрофи и глад.

Après le Déluge

На француски, јазот помеѓу она од што официјално се плашиме и од она од што навистина се плашиме убаво се искажува со таканареченото ne explétif, што е „не“ кое само по себе нема никакво значење бидејќи се користи само за цели на синтакса или изговор. Најмногу се јавува во подредените реченици кои следат глаголи со негативна конотација (да се плаши, да се избегне, да се сомнева); неговата функција е да се нагласи негативниот аспект на она што е пред него, на пример: „Elle doute qu’il ne vienne“ („Таа има сомнеж дека/ не/ доаѓа“), или „Je te fais confiance à moins que tu ne me mentes“ („Ти верувам освен ако /не/ ме лажеш“).

Жак Лакан го употребил ne explétif за да ја објасни разликата помеѓу желбата и нешто што се посакува. Кога велам: „Се плашам дека бурата ќе /нема/ да дојде“, мојата свесна желба е таа да не дојде, но она што вистински го посакувам е содржано во „нема“: Се плашам дека бурата нема да дојде, бидејќи потајно сум фасциниран од нејзината насилност.

Нешто во смисла на ne explétif важи и за стравувањата кои ги има Европа во врска со прекинот на испораките на руски гас. „Се плашиме дека прекинот на снабдувањето со гас ќе предизвика економска катастрофа“. Но, што ако нашиов страв е лажен? Што ако навистина се плашиме дека прекинот на снабдувањето со гас нема да предизвика катастрофа? Како што неодамна ми кажа Ерик Сантнер од Универзитетот во Чикаго, што би значело ако можеме брзо да се прилагодиме? Завршувањето на увозот на руски гас не би значело почеток на крајот на капитализмот, но „сепак би предизвикало вистинска промена на „европскиот“ начин на живот“, промена која би била многу добредојдена, без оглед на Русија.

Ако ne explétif се прочитува буквално, постапувањето согласно „не“ е можеби највистинскиот политички чин на изразување слобода во денешно време. Да го земеме предвид тврдењето, пропагирано од Кремљ, дека запирањето на рускиот гас би било еднакво на економско самоубиство. Со оглед на тоа што е потребно да се направи за нашите општества да бидат на еден поодржлив пат, зарем тоа нема да биде ослободувачко нешто? Да го парафразирам Курт Вонегат, ќе избегневме да влеземе во историјата како прво општество кое не се спасило самото себе бидејќи тоа не било исплатливо.

Чија глобализација?

Западните медиуми се полни со вести за милијардите долари кои ѝ се испратени на Украина; и покрај тоа, Русија сè уште добива десетици милијарди долари за гасот што го испорачува во Европа. Она што Европа не сака да го земе предвид е фактот дека таа може да изврши многу силен не-воен притисок врз Русија, а истовремено да направи многу и за планетата Земја. Дополнително, откажувањето од рускиот гас би овозможило поинаков вид на глобализација – кој би бил многу потребна алтернатива на западната либерално-капиталистичка разновидност и на руско-кинескиот авторитарен бренд.

Русија не сака само да ја распадне Европа. Таа се претставува како сојузник на светот кој е во развој и против западниот неоколонијализам. Руската пропаганда вешто ги искористува горчливите сеќавања на злоупотребите извршени од Западот врз многу земји во развој и земји со средни нивоа на приходи. Дали бомбардирањето на Ирак беше полошо од бомбардирањето на Киев? Зарем Мосул не беше срамнет со земја исто толку безмилосно како и Мариупол? Се разбира, додека Кремљ ја претставува Русија како претставник на деколонизацијата, тој им дава изобилна воена поддршка на диктаторите во Сирија, Централноафриканската Република и на други места во светот.

Активностите на организација на платеници на Кремљ, Вагнер групата, која делува во име на авторитарните режими ширум светот, покажуваат како би изгледала глобализацијата но по руски терк. Како што Евгениј Пригожин, пријателот на Путин и претставник на оваа група, неодамна изјави за еден западен новинар: „Вие сте западна цивилизација која умира која Русите, Малијците, Централноафриканците, Кубанците, Никарагванците и многу други народи и земји ги смета за ѓубре од Третиот свет. Вие сте патетична загрозена и перверзна збирштина, а нас нè има многу, и тоа милијарди на број. И ние ќе победиме!“ Кога Украина гордо изјавува дека ја брани Европа, Русија одговара дека ќе ги брани сите досегашни и сегашни жртви на Европа.

Не треба да ја потценуваме ефективноста на оваа пропаганда. Во Србија, најновите анкети на јавното мислење покажуваат дека за прв пат сега има мнозинство од гласачите кои се противат на пристапувањето кон Европската унија. Ако Европа сака да победи во оваа нова идеолошка војна, таа ќе мора да го промени својот модел на либерално-капиталистичка глобализација. Сè што ќе значи помалку од радикална промена е осудена на успех и ќе ја претвори ЕУ во тврдина која е опкружена со непријатели кои се решени да навлезат и да ја уништат.

Добро сум свесен за импликациите од бојкотот на рускиот гас. Тоа би повлекло она што постојано го имам кажувано како „воен комунизам“. Наши економии ќе треба да се реорганизираат во целост, како во случај на целосна војна или слична катастрофа од големи размери. Притоа, ваквото сценарио не е толку далечно како што можеби изгледа. Маслото за јадење веќе неформално се рационализира во продавниците во Обединетото Кралство поради војната. Ако Европа се откаже од рускиот гас, нејзиниот опстанок ќе бара слични вакви интервенции. Русија смета на неспособноста на Европа да направи нешто „херојско“.

Навистина, таквите промени ќе го зголемат ризикот од корупција и ќе отворат можности воено-индустрискиот комплекс да остварува дополнителни профити. Но, овие ризици мора да се одмерат наспроти поголемите влогови, кои ја надминуваат војната во Украина.

Петте коњаници на апокалипсата

Светот се соочува со повеќекратни и истовремени кризи кои се предизвикани од четворицата коњаници на апокалипсата: чума, војна, глад и смрт. Овие коњаници не може едноставно да се отфрлат како олицетворенија на злото. Како што има забележано Тревор Хенкок, првиот лидер на Зелената партија на Канада, тие се „неверојатно слични на она што би можеле да го наречеме четворица коњаници на екологијата, кои го „регулираат“ бројот на популацијата во природата“. Во еколошка смисла, „четворицата јавачи“ имаат позитивна улога со тоа што спречуваат пренаселеност. Но, кога станува збор за луѓето, оваа „регулаторна“ функција не функционирала:

„Човечкото население се зголеми за повеќе од трипати во изминативе 70 години, и тоа од 2,5 милијарди во 1950 година на 7,8 милијарди луѓе денес. Па што се случи… Зошто не сме контролирани? Дали постои петти коњаник што ќе доведе до тоа нашите популации да се срушат во одреден момент, онака како што се случува со леминзите?“

До неодамна, вели Хенкок, човештвото беше во можност да ги контролира четворицата јавачи преку медицината, науката и технологијата. Но, сега „огромните и брзи глобални еколошки промени што ние ги предизвикавме“ излегуваат надвор од нашата контрола. „Значи, иако е точно дека удар на астероид или ерупција на некој супервулкан се настани што би можеле да нè збришат, најголемата закана за човечката популација, или „петтиот коњаник“ ако така сакате, сме токму ние самите“.

Дали ќе бидеме уништени или спасени, тоа зависи од нас. Додека глобалната свест за овие закани сè повеќе се зголемува, таа сè уште не се претвора во некаква значајна акција, па во таа смисла четворицата коњаници галопираат сè побрзо и побрзо. Откако ни се случи Ковид-19 и откако војната на големо се врати, она што почнува да нè демне се кризите поврзани со глад. Сите тие доведуваат или ќе доведат до смрт на многу луѓе, а истото тоа важи и за сè поинтензивните природни катастрофи кои се предизвикани од климатските промени до губење на биолошката разновидност.

Ние, се разбира, треба да се спротивставиме на искушението да ја глорифицираме војната како автентично искуство кое ќе нè издигне од нашиот консумеристички хедонизам. Алтернативата на тоа е да се мобилизираме на начин кој ќе биде корисен за нас уште долг период откако ќе заврши војната. Со оглед на опасностите со кои се соочуваме, воената пасија е само кукавичко бегство од реалноста, но истото тоа може да се каже и за удобното и нехеројско сопствено задоволство.