Како граѓани имаме одговорност да спречиме ширење на говор на омраза со едукација на нашите деца и блиски и со јавни реакции против таквото однесување во секоја сфера на општеството, пишува Соња Стојадиновиќ за Республика.
Ако интернетот се смета за место за зголемување на личната информираност, тој дополнително стана и место каде луѓето можат да си ја покажат својата ограниченост и омраза.
Говорот на омраза е акт регулиран со закон, како на македонска територија така и на меѓународно ниво. Дефиницијата за него гласи: форма на изразување која шири, поттикнува или оправдува говор на омраза, повикува на насилство и опфаќа разни општествени групи.
Нашиот простор се чини дека е плодна почнва за ваков говор. За време на кризата во 2015 година, бевме сведоци на говор на омраза кон бегалците кои транзитираа низ Македонија во тоа време. Исто така, јавноста беше згрозена од коментарите за гевгеличанката Томитка Раданлиева која за една година прочитала над 400 книги. Скоро бевме сведоци на вулгарното изразување на претседателот на Собранието Талат Џафери кој како претседател на една од најважните институции на државата по никоја основа не смее да си дозволи такво однесување, а со одолговлекување на неговото казнување, гледаме премолчено одобрување на тоа однесување.
Говорот на омраза не содржи само повикување на насилство и смрт на одредена личност или група, самата навреда е говор на омраза и предизвикува душевни растројства кои таргетираната личност можат да ја доведат и до самоубиство.
Последното цунами од говор на омраза беше насочено кон македонската претставничка на Евровизија, Андреа, за една тривијална случка за која таа подоцна се извини. Реакциите во јавноста беа премногу остри за нејзиното невнимателно однесување, па дури и со предлози за повлекување од настанот. Нејзиното извинување не беше доволно.
Македонската јавност во интернет сферата како да постојано бара жртва (индивидуа или група) врз која ќе ги истури својот гнев и фрустрации кои најчесто немаат никаква врска со таргетираното лице или група. Интернетот, заедно со социјалните мрежи се користат за масовна дискредитација, и уништување на нечии животи со минимална одговорност за стореното.
Правна рамка и казнивост за говор на омраза во Македонија и светот
Во македонскиот правен систем говорот на омраза е кривично дело и неговата казнивост е уредена со Кривичниот законик. Институциите кои се одговорни за спроведување на правните механизми за ова дело се Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство, Комисијата за заштита од дискриминација, Агенција за аудио и аудиовизуелни медумски услуги. Сите овие институции постапуват во рамките на своите надлежности за пријавен говор на омраза од јавниот и медиумскиот простор до спортските натпревари.
Но, колку и идеално да звучи на хартија со одговорните институции кои ги имаме, кај нас поради инертноста на правниот систем, говорот на омраза си останува еден коров кој не само што не го искоренуваме туку продолжуваме да го негуваме.
Извор: freepik.com
Иако имаме закони кои ја регулираат сферата на говорот на омраза како: Кривичен законик, Закон за спречување и заштита од дискриминација, Закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета, Закон за спречување на насилство и недостојно однесување на спортски натпревари, Законот за медиуми, Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, ние се уште сме сведоци на омраза, навреди, клетви, повици на убиства во јавниот простор.
Во Велика Британија постојат Закон за јавен ред, Закон за расни односи и Закон за фудбалски прекршоци кои строго го санкционираат говорот на омраза. Еден од ретките корисни закони кои биле донесени во времето на Маргарет Тачер била регулацијата на хулиганството на фудбалските натпревари, поточно Законот за фудбалски прекршоци кои расните испади, говорот на омраза, транспарентите и пеењето со кои се навредува и повикува на насилство, ги санкционира со затвор и доживотно исфрлање од стадионите.
Овој ригиден пристап доведе до фудбалски стадиони на кои со децении инцидентите од секој вид се ретки.
Кои се психолошките и социјалните причини за појава на говор на омраза?
Ефикасноста во сузбивање на говорот на омраза во сите сфери на општеството не може да се базира само на големиот список на закони што го имаме. Една од причините за ширење на говорот на омраза е отсуство на познавање на единките како да реагираат во ситуација кога има говор на омраза. Со оглед на отсуството на знаење како да се реагира, тие бираат да се повинат на генералното однесување (ширење на омраза) за полесно да се вклопат во околината и го продолжуваат токсичниот круг на омразата.
Следно на списокот на фактори за појава на говор на омраза се длабоко вкоренетите предрасуди кон индивидуи или групи на луѓе од страна на тие кои практикуваат и шират говор на омраза.
Предрасудите создаваат погрешно мислење за луѓе или групи, народски кажано пренадуено мислење кое нема контакт со реалноста и тоа создава отпор и омраза. Иако теоретичарите во оваа научна сфера тврдат дека доминантна група на луѓе кои шират говор на омраза се млади, бели мажи кои имаат чувство на супериорност, според последната појава на говор на омраза кај нас (случајот со пејачката Андреа), и жените не се имуни на практикување говор на омраза.
На овие причини се надоврзуваат и политичките состојби во даденото општество. Ако политиката е длабоко вкоренета во општеството како што е пример кај нас, граѓаните не се имуни на однесувањето на политичарите. Ако имаме политичари кои во јавност не го контролираат својот вокабулар и однесување, а такви имаме многу, тогаш граѓаните не чувствуваат потреба да бидат пристојни и да внимаваат на своето однесување во секоја сфера на општеството.
Ако ја свртиме другата страна на паричката, бројните истражувања докажуваат дека говорот на омраза создава психички пореметувања, страв, несоница, депресија, анксиозност, суицидни мисли кај сите кои биле изложени на овој вид на насилство. Без разлика дали омразата била насочена кон индивидуа или група, ефектот е ист. Кога поединец не се чувствува сигурно во своето општество, тоа има негативен ефект на квалитетот на неговиот/нејзиниот живот, а со тоа и степенот на придонес што го има таа индивидуа во општеството.
Каде е решението?
Решението лежи во едукацијата и образованието, формално и неформално. Не е лесно да ги едуцирате граѓаните на Македонија кои се редовни гледачи на секое наредно популарно „реално шоу“ каде што често се промовира насилство, омраза и вулгарен јазик (во шокантен број на српската Пинк телевизија) и со политички претставници во Собрание кои наместо да решаваат тешки државни проблеми, се натпреваруваат кој кого повеќе ќе го опцуе.
Како да им се објасни на граѓаните дека моделот кој го гледаат на телевизија и читаат на интернет не е тој кој треба да се практикува и следи туку дека тие треба да бидат оние кои први ќе ја свртат страницата и ќе престанат да го вртат кругот на омраза. Потребно ни е образование, едукација, секаде и на сите нивоа во општеството дека говорот на омраза може да убие.
Дека навредите што сме ги напишале на Фејсбук кај некој човек предизвикале негативни емоции, кои можат да прераснат во нешто посериозно.
Нашето општество се наоѓа на примитивно ниво на размислување за оние луѓе кои не се вклопуваат во традиционалните шеми на однесување и изглед. Омразата раѓа омраза, а само едукацијата ќе не спаси од продлабочување на овој феномен. Во меѓувреме, треба посериозно да се применуваат постојните законски решенија за различните облици на говор на омраза.
На крајот, како граѓани имаме одговорност да спречиме ширење на говор на омраза со едукација на нашите деца и блиски и со јавни реакции против таквото однесување во секоја сфера на општеството.