ИЗЈАВИ: БРАНКО ГЕРОВСКИ

Сподели

largea_branko1415661754

Замолувам моето име да не се спомнува во контекст на предлозите за иден уредник на МТВ. Знам дека некои пријатели ме спомнуваат со добри намери (им благодарам за тоа), но сепак сакам да известам дека јас не сум погоден кандидат за спроведување на проектната задача, така како што е замислена од преговарачите и од медијаторите и како што јас сум ја разбрал.
Еве зошто.
Совршено ми е јасно што треба да се стори и колку труд треба да се вложи МТВ итно да ја промени својата уредувачка политика, но и да започне коренити, суштински реформи, за еден ден да стане вистински јавен сервис, а не пропагандно гласило на власта (на било која власт). За период од неколку месеци такви промени можат да почнат, но само ако е таква идејата и ако може да се конституира политичка волја за суштински промени. Затоа, кога јас би се нафатил на една таква работа, би се потрудил да ја добијам и поддршката од ВМРО-ДПМНЕ за тој проект. Кој знае како би било сфатено тоа и од двете најмоќни партии и од претендентите…
Освен тоа, јас сум амбициозен човек. Кога водам весник, сакам да е најтиражен (како што било секогаш). Кога водам њузсајт, сакам да биде во врвот, каков што е Плусинфо Кога би ја водел МТВ, би сакал таа што поскоро да стане најгледана и највлијателна телевизија. А за тоа да се случи, освен поддршка од основачот и време, би биле потребни и големи промени во самата куќа.
Како и да е, проектната задача сега не е таква. Ако добро разбирам, идејата е во овој кус период до изборите на партиите да им се обезбеди еднаква “минутажа” (по принципот “две минути за Хитлер, две за Евреите”) и да се дојде до некаков минимален стандард на “балансирано” известување. Плус малку козметика. Не велам дека и тоа не е потребно, но проектната задача е прескромна за моите сфаќања, непрецизно дефинирана и без јасна политичка поддршка од клучните фактори.
Нејсе, не грижете се, ќе се најдат кандидати и за таква килава работа.