Модернизацијата на Армијата е круцијална и е на вистинскиот пат, а посветеноста на двете Армии за организирање на заеднички вежби и обуки кои се најдобриот начин да достигнеме целосна интероперабилност и континуирана подготвеност ќе се интензивира уште повеќе, беше речено на сесијата наменета за одбраната, во рамките на стратешкиот дијалог помеѓу Северна Македонија и Соединетите Американски Држави, во Вашингтон. На стратешкиот дијалог беше потврдена дополнителна финансиска поддршка од САД за оваа година во процесот на модернизација на Армијата и тоа со 40 милиони долари.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска во своето воведно обраќање на сесијата посветена на одбраната порача дека САД три декади се наш најблизок партнер и во развојот и во процесот на евроатлантска интеграција. Денешната нова безбедносна реалност во Европа, подвлече Петровска, повикува на уште поблиска и уште поинтензивна соработка со една цел – мир, безбедност и стабилност на евроатлантската област.
„Неоправданата руска агресија врз Украина ја промени безбедносната архитектура. Економските последици по пандемијата на корона-вирусот и незадоволството со пролонгирањето на европската интеграција можат дестабилизирачки да делуваат на Западниот Балкан и затоа потребна е интензивна активности и силен фокус на овој регион од Европа“, рече министерката. Таа додаде дека интеграциските процеси на Балканот веќе дадоа видлив резултат – членството на Северна Македонија во НАТО имаше силен стабилизирачки ефект на регионот, што е особено видливо денеска во оваа нова безбедносна реалност.
Петровска порача дека Владата и Министерството остануваат цврсто на ставот за раст на одбранбениот буџет кој годинава изнесува 1,77 проценти од БДП, а според плановите треба да достигне 2% до 2024 година, вклучително и на одредбата 20 проценти од овој буџет да биде наменет за опремување и модернизација. Министерката информираше дека во фокусот е и Лесната пешадиска баталјонска група, од која еден значаен дел – Лесниот пешадиски баталјон годинава доби позитивна оценка на НАТО оценувањето и е „борбено способен“.
Во контекст на модернизацијата, министерката се заблагодари за финансиската учество од САД во набавката на новите лесни оклопни транспортери кои значајно ќе влијаат на подобрувањето на капацитетите на Армијата.
Заменик-помошничката на секретарот за одбрана на САД, Лора Купер порача дека напорите за развој на армиските капацитети се за пример, што може да се види и преку инвестирањето во нова и софистицирана опрема согласно планирачкиот процес на НАТО и стандардите на Алијансата.
Купер истакна дека САД досега вложиле речиси 45 милиони долари во модернизацијата на Армијата и дека само оваа година се планира вложување од дополнителни 40 милиони долари преку програмата за воено финансирање и програмата 333.
Петровска и Купер разговараа и за продолжувањето на заедничките обуки и вежби, особено имајќи го предвид успехот на неодамна завршената вежба „Swift Response 22“ која уште еднаш покажа какво е значењето на армискиот полигон „Криволак“ кој ќе продолжи да се развива и во иднина. Во таа насока, министерката Петровска изрази подготвеност за учество на припадниците на Армијата во вежбата „Defender Europe 23“ планирана за следната година.
Соговорничките во рамките на стратешкиот дијалог во одбраната се осврнаа и на сајбер – безбедноста, при што укажаа на опасноста од хибридните закани, вклучувајќи ги и дезинформациите. Министерката Петровска изрази задоволство што веќе сме во фаза на развој на капацитети за справување со дезинформации и тоа токму со американска поддршка.
Заменик-помошничката на секретарот за одбрана на САД, Купер порача дека и во оваа област САД ќе ја поддржат Северна Македонија, со експертска помош, како и со финансиска помош од 4,5 милиони долари преку програмата 333, наменети за градење на капацитети за сајбер одбрана.