Откако денеска бугарскиот весник „24 Часа“ објави дека седуммина пратеници на парламентарната група на партијата „Има таков народ“ (ИТН) ќе ја напуштат и ќе застанат во поддршка на владејачката коалиција од која нивната партија излезе минатата недела, засега и од нивната партија и од коалицијата „Продолжуваме со промената“ (ПП), на премиерот Кирил Петков нема ниту јасна потврда ниту јасно одрекување барем во поглед на бројките, се дознава од известувањето на Бугарското национално радио (БНР).
Атанас Михнев, пратеник од ПП изјави дека веќе ги нашле потребниот број пратеници за осигурување на мнозинство во парламентот, но од неговите зборови е јасно дека сè уште не се обезбедни неопходните 12 пратеници за потполно мнозинство, коментира БНР.
„Одиме во насока на тоа да обезбедиме потполно мнозинство“, рече Михнев.
Од друга страна, организацискиот секретар на ИТН и заменик-претседател на пратеничката група на партијата, Викторија Василева, за БНР рекла дека нема намера да ја напушта парламентарната група. Од службата за информирање на бугарскиот парламент за БНР објаснуваат дека не добиле барања за напуштање на парламентарната група.
Во соопштението за јавност од ИТН се вели дека немаат сознание дали објавената информација за заминување на пратеници од нивната парламентарна група е вистинита, но велат дека тоа ќе се знае во следните денови или часови.
Од друга страна, лидерот на ИТН, шоуменот Слави Трифонов на Фејсбук напиша оти е сигурно дека „пратеници ќе го напуштат“ и обвини дека „биле купени со пари и функции“.
Инаку, излегувањето на ИТН од бугарската влада се комплетираше денеска, со поднесувањето на оставките на последните министри од редовите на ИТН – министерката за надворешни работи Теодора Генчовска и министерот за енергетика Александар Василев. Минатата седмица оставки дадоа вицепремиер и министер за регионален развој Гроздан Караџов, министерот за млади и спорт Радостин Василев, пишува mediapool.bg. Токму Василев во пишувањето на „24 Часа“ беше наведен како човекот што ги организирал седумтемина пратеници што сакале да излезат од ИТН, за да ја поддржат оштрбената коалициска влада на Кирил Петков.
Досегашната четири-партитна владејачка коалиција составена од „Продолжуваме со промената“ (ПсП) Бугарската социјалистичка партија (БСП), ИТН и „Демократска Бугарија“ (ДБ) беше составена во декември лани, по вторите предвремени парламентарни избори. Коалицијата има 134 пратеници во парламентот со 240 места.
Како што напиша mediapool.bg, без 25-те пратеници од ИТН, коалицијата ќе има 109 пратеници, а до 121, колку што се потребни за мнозинство во 240-члениот парламент, на коалицијата предводена од Кирил Петков ѝ се потребни 12 пратеника./Мета.мк