Било како да се размислува за она што го проживеавме за последните триесеттина години, надвор од било каково сомневање е дека тоа е негација на принципите рамноправноста и хуманизмот, негација да живееме како слободни луѓе со меѓусебно разбирање и толеранција.
Ја уништивме веќе познатата и, донекаде, во пракса применувана калобиотика, односно вештината за убаво, здраво правилно и доблесно живеење. Онаа вештина преку која животот на еден човек може да се направи исполнет и среќен и заради тоа да се смета вреден за живеење. Ја нема, или сè помалку ја има, во животот на нашите луѓе онаа пријатност, нежност; чувствителност; внимателеност, претпазливост; пристојост, благост, услужливост, учтивост, љубезност… Сè почесто, за жал, околу нас гледаме вообразеност, безобразие, насилие, злобност, нетрпеливост, оѕвереност, дрскост, криминал…
Се гради и македонското општество по урнекот на глобалната мантра: постои и смее да опстои само капитализмот. И, секако, неговата неолибералната идеологија како начин на мислење и живеење. Не смее и нема борби за идеи и визии, туку има само борби за остварување на, крупни или ситни, финансиски интереси. И тие борби ги водат, главно, криминални групи составени од корпоративни предатори, преку граѓанските политичките партии, кои сами себе се нарекуваат демократски, или преку интернационалните капиталистички концерни и монополи. Всушност, во свет во кој среќата доаѓа преку Гвантенамо, тогаш тој свет мора да биде – крајно несреќен.
Ако среќен човек е оној кој живее објективно, кој со работа и напор стигнува до квалитетен живот исполнет и со слободни активности, и со задоволување на сопствени широки животни интереси, тогаш, и во светот и кај нас, има малкумина, што би се рекло еден грст, среќни луѓе. Напразно нашите неолиберални шамани и демагози кој, многу често, до општествен и „професионален“ успех стигнале преку послушност и покорност пред силниците на денот, ни проповедаат и нè лажат дека среќата се купува со пари. Во таквата, шизофрената и антихумана, глобална состојба во која царува волчката борба за профит и моќ оснапред се уништени шансите за среќен и достоинствен живот на најголемиот број од луѓето во светот. И кај нас, за мнозинството луѓе секојдневие е мачната борба за егизстенцијален опстанок. Неприродната и неправедна поделба на материјалните богатства предизвикана од класната поделеност, за голем дел на наши сограѓани ја претвори среќата во достигнување на услови за преживување и минимум пристоен живот.
Кај нас богаташите, владеачите и нивните корумпирани интелектуалци и новинари преку пропагандната манипулација го држат народот во состојба на хибернација, во која се халуцинира за холивудски сон, а не за некаков среќен, човечен, „здодевено добар“ живот. Народот, опиен со гламурот од црвениот тепих и потрошувачкото бунило, тешко може да ги препознае глобалното и локалното ментално насилство во форма на концентрирана политичка и пропагадна моќ, која во спрега со капиталот врши масовна експлоатација и грабеж и им го одзема нивниот пристоен и достоинствен живот. Опојните бајки за капиталистичкиот просперитет и капиталистичката благосостојба кои како врвно цивилизациско достигнување, секојдневно, ни го пропагираат гангстерите со факултетски дипломи вработени како измеќари и проститутки кај набрзина збогатените простаци, олигарси и земјосопственици, ги успокојуваат и упокојуваат рецепторите за правда и неправда и ги претвораат луѓето во дрогирани безмозочни работохолици со уморни лица. Лица кои, всушност, се лишени од нормалноста и среќата. Се чини дека скоро сите ние, жители на оваа земја, сме протерани, како што виртуозно пееше големиот поет Ацо Шопов, „од онаа страна на животот“ и среќата.
Народот мора да излезе од хипнотизирачкиот сон за лажна среќа, да сфати дека животот е повеќе од коцкарско казино, да се погледне и да си ја види реално искинатата облека, да види дека се храни со помија од софрата на големите газди, да си ги види своите навистина несреќни деца чија единствена перспектива е да бидат робовска работна рака на „пазарот на трудот“, па да ги отфрли сите илузии за постоењето и остварувањето на некаков „американски сон“, да се спротистави на безмилосниот грабеж, на безмерната лакомост на плутократијата која го води во неизбежната пропаст, и да побара, сега и веднаш, пристоен, нормален и среќен живот. Да не дозволи иднината на нашите поколенија да им бидат овистинети зборови на умниот Меша Селимовиќ: „Црно е, во тешко време живееме, а живееме мизерно и срамно. Единствена утеха е таа дека тие што по нас ќе живеат, ќе претуркаат преку глава уште потешки времиња, и ќе ги споменуваат нашите денови како среќни.“