Претседателот Стево Пендаровски вчеравечер се обрати на свеченото отворање на 62. издание на меѓународниот фестивал „Охридско лето“, кој традиционално се одржува под покровителство на претседателот на државата.
“Постои еден цитат од Франц Кафка што ја опишува најголемата човекова дилема за сопственото постоење, во којшто се вели: „Сите уметности ѝ служат на најголемата уметност – уметноста на живеење на Земјата“.
За жал, сведочиме дека во епохата на информациско-технолошки и научен развој, без преседан, наместо луѓето да бидат посигурни и посреќни, живеењето на многу места во светот се претвора во борба за власт, доминација над другите и во опседнатост со материјалното. Сведоци сме на воени конфликти, глобални здравствени закани, непочитување на човековите права и слободи, понижување на достоинството, тектонско изместување на вредностите и губење на моралниот компас. Најтрагично е што стануваме имуни на туѓото страдање и на туѓата болка, а сочувството и солидарноста исчезнуваат од нашите животи како реликти на некое минато време. Од уметност на живеење денес дојдовме до уметност на преживување.
Прашање е како воопшто човековата цивилизација се најде во ваква безизлезност и покрај сите мрачни историски лекции и преживеани катастрофи. Меѓутоа, далеку поважно е прашањето и одговорот на него: Што е она што повторно може да го хармонизира и облагороди животот, да го врати значењето на етиката, да ја актуализира хуманоста? Одговорот го знаат сите оние коишто барем еднаш биле дел од оваа манифестација, од оваа или од другата страна на сцената. Кој друг ако не уметниците и што друго ако не креативното, духовното и убавото. Или, како што вели Андре Бретон, „поетската или уметничката прегратка, како и телесната, додека трае, попречува секаков поглед врз бедата на светот“.
Затоа, да бидеме постојано со уметноста, се разбира, не како бегство од животот, туку, напротив, како моќна алатка којашто ќе нѝ ја овозможи уметноста на живеењето.
Благодарение на најреномираната културна манифестација кај нас – фестивалот „Охридско лето“, повеќе од шест децении сме сведоци на извонредни изведби на меѓународно признати и познати уметници. Од особено значење е што на програмата на „Охридско лето“ се присутни и врвните македонски музички и театарски уметници, чиишто креации ѝ се добро познати и на домашната и на светската публика.
Конечно, по две години, во коишто пандемијата оневозможи вистинска фестивалска атмосфера и влијаеше врз фестивалската програма, „Охридско лето“ со квалитетна понуда на музички и на сценски настани се враќа на достоинствен начин, којшто и единствено му прилега.
Им благодариме на уметниците што му даваат смисла на нашето постоење. Да уживаме во уметноста, во благородното и во убавото.
Со оваа мисла дозволете да го прогласам 62. издание на фестивалот „Охридско лето“ за отворено.