Македонија денеска ги одбележува двата историски Илиндена – 113 години од почетокот на Илинденското востание, како и 72 години од Првото заседание на АСНОМ.
По повод историските датуми, денеска се одржуваат разни манифестации во земјата.
Претседателот Ѓорге Иванов ќе се обрати на одбележувањето во Меморијалниот комплекс во Пелинце, додека претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски ќе го посети споменикот на Методија Андонов-Ченто, претседател на Президиумот на АСНОМ и ќе положи свежо цвеќе
Техничкиот премиер, Емил Димитриев ќе ја предводи делегацијата на централната манифестација на Мечкин Камен во Крушево, каде ќе положи цвеќе на гробот на Никола Карев, како и на споменикот на бранителите на Крушевската Република на Мечкин Камен, каде и ќе се одржи голем народен собир.
Во Крушево за Илинден традиционално пристигнаа и Коњаниците од Илинденски марш веќе пристигнаа во Крушево, каде вечерва ќе се одржат научно-културните средби „Десет дена Крушевска Република“.
На 2 август 1903 година со биењето на камбаните на полноќ е објавен почетокот на востанието. Околу 800 востаници го ослободиле градот, а два дена подоцна Никола Карев ја прогласил Крушевската Република и станува нејзин претседател.
Бахтијар-паша ја предводел 18-илјадна османлиска војска која тргнала да го врати Крушево во свои раце, а со битката на Мечкин Камен и со загинувањето на војводата Питу Гули, доаѓа и крајот на десет дневната Крушевската Република.
На 2 август 1944 година, во манастирот Св. Прохор Пчињски кај Куманово е одржано Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ), на кое е потврдена општествено-правната положба на Македонија како рамноправна федерална држава во рамките на ДФ Југославија. Заседанието го отворил Панко Брашнаров, најстариот делегат и сведок на двата Илиндена, а бил избран и Президиум всушност претставува прва македонска влада. Покрај претседател, Президиумот имал двајца потпретседатели, двајца секретари и 17 члена. За претседател е избран Методија Андонов – Ченто, за потпретседатели Панко Брашнаров и Емануел Чучков, а за секретари: Љупчо Арсов и Владимир Полежиновски.
На заседанието се усвоиле неколку документи, а меѓу најзначајните се Решението за прогласување на АСНОМ за врховно законодавно и извршно народно претставничко тело и највисок орган на државната власт на демократска Македонија, Декларација на АСНОМ за основните права на граѓаните на демократска Македонија, Решение на АСНОМ за воведување на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава, Решение на АСНОМ за прогласување на Илинден – 2 август за народен и државен празник на македонската држава.