Надмината е бројката од 10 милиони лица коишто ја напуштиле Украина од почетокот на руската инвазија на Украина на 24 февруари годинава, информираат Обединетите нации, пренесува Гардијан. Најголемиот дел од овие лица се бегалци коишто пронајдоа засолниште во некоја од европските земји, првенствено во Полска.
Во меѓувреме, на терен продолжуваат борбите во кои страдаат цивили. Украинската воена команда денеска информираше дека руските сили доведуваат дополнителни сили за напад во правецот кон Криви Рих, јавува Укринформ. Русија најверојатно планира нова офанзива, со која сака да напредува кон целосно заземање на северните граници од регионот Херсон.
Украинските власти информираат дека во Донбас, во фокус на руските сили во моментов е напредувањето во правец кон градот Бахмут во Донецкиот регион, пренесува Укринформ.
Руското гранатирање на градовите во Украина кои не се под нивна контрола продолжило и во изминатово деноноќие. Гардијан јавува за нови напади врз пристанишниот град Миколаив, во кои се погодени супермаркет, спортско училиште, улица и објект со продавници.
Ракетен напад бил извршен и врз градот Харкив, при што биле погодени индустриски капацитети во градот, но нема податоци за загинати и повредени лица, пренесува Укринформ./Мета.мк