Промоција на „Еврејска работа“ од Миколај Гринберг

Сподели

 

Полскиот писател Миколај Гринберг ќе ја посети нашата земја а поводот е убав – промоција на неговата збирка раскази „Еврејска работа“.
 
Ова е книгата која имаше прекрасен прием во матичната земја, и за која Нобеловката Олга Токарчук потенцираше: „Овие мали проникливи прози истовремено се трогателни и вознемирувачки. Доколку дијагнозата е точна, имаме голем проблем во Полска“.
 
Преводот од полски на македонски јазик е на Лидија Танушевска, а излегувањето на книгата е поддржано од програмата „Креативна Европа“ на ЕУ.
 
Книгата ќе ја промовира нашата позната писателка, Лидија Димковска.
„Еврејска работа“ ја сочинуваат кратки, трогателни приказни за полските Евреи, нудејќи панорама на еврејското искуство во современа Полска. Иако приказните се фикционализирани, секоја од нив содржи прстен на вистината. Книгата е составена од кратки монолози, во кои карактерите се Евреи, Христијани, атеисти, од сите средини и сфери на животот. Секоја од приказните е трогателна и интензивно лична, претворена во кристална проза. Во овој клучен момент за еврејскиот живот во Полска и во целиот западен свет, со будењето на старите духови на антисемитизмот кои повторно се појавуваат во јавната дебата, и каде слободата на говорот е под закана, се издвојува чистиот и разумен глас на Гринберг. Неговото дело ги разоткрива длабоките корени на системскиот антисемитизам, притоа нагласувајќи колку секојдневието станало отпорно на истиот, што не е едноставно за анализа. Книгата доби одлични критики и влезе во потесниот избор за престижната книжевна награда „Нике“ во Полска.
Миколај Гринберг (1966) е фотограф, писател и обучен психолог. Неговата книжевна работа се фокусира врз усните истории на различни генерации полски Евреи во втората половина од дваесеттиот век. Објавил три збирки со „разговори“ базирани врз овие лични (и)стории: „Преживеаните од 20 век“ (2012), „Го обвинувам Аушвиц: Семејни приказни“ (2014) и „Книгата на егзодусот“ (2018).
ЕВРЕЈСКА РАБОТА – Миколај Гринберг
Превод од полски: Лидија Танушевска
Лектура: Виолета Караџовска Стојанова
Дизајн на корица: Марија Смилевска
#CreativeEurope4Books
 
18 aвгуст во БУКВА,
ИЛИ-ИЛИ, Ваше право на добра книга!