Денеска во полицискиот центар “Ѓорче Петров “се одржа свечена церемонија на која Министерството за внатрешни работи одбележа 21. година од формирањето на Единицата за брзо распоредување. Дводецениските резултати и постоењето на оваа единица, без која реално не може да се замисли полициското работење, благодарение на актуелното раководство на МВР, веќе традиционално се валоризираат во пригодна свеченост посветена на денот на формирањето на оваа единица. Формирана во 2001 година по пример на европските „сили за брза реакција“, се трансформира и го менува името неколку пати, за да воспостави врвни европски полициски стандарди во своето работењето со што улогата која ја има во безбедноста на државата секој ден станува сè поважна и позначајна.
Во своето обраќање пред присутните министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски , истакна дека ова не е само датум на кој се слави денот на формирањето на единицата туку нејзините бројни достигнувања на кои сме сите сме горди години наназад.
„Со особен пиетет пред сите вас би сакал да ја истакнам улогата, професионалноста, посветеноста, пожртвуваноста, квалитетот на знаења и вештини на припадниците на Единицата за брзо распоредување , чиишто одлики и широки оперативни перформанси се поистоветуваат и се на исто рамниште со истородните полициски формации на полициите од Европа и светот. Единицата за брзо распоредување профилирајќи се во реална високо-специјализирана полициска единица, со исти такви квалитети на секој нејзин припадник, воспоставени преку јасно подигнатите стандарди и професионални критериуми од сите аспекти – физички, ментални, образовни и технички, претставува Единица подготвена да одговори на сите зададени полициски задачи, самостојно и координирано, без оглед на нивната специфичност и сложеност.“, потенцираше министерот Спасовски.
Министерот Спасовски потенцираше дека полициската професија секојдневно е соочена со безброј предизвици на кои треба веднаш да се одговори, како на неодамнешните насилни протести, на кои ЕБР уште еднаш ја покажа својата професионалност и посветеност во зачувување на безбедноста на институциите и граѓание на државата.
„Полициските службеници кои беа на браникот на државните институции, меѓу кои, за жал, имаше и повредени, најпластично ја демонстрираа непоколебливоста, подготвеноста, храброста и жртвата на полициската професија за заштита на државата и за гарантирање на безбедноста на граѓаните, за што и во оваа прилика бескрајно сме горди на вас и ви благодариме.“, истакна министерот Спасовски.
Министерот Спасовски ја истакна посветеноста на ова раководство на МВР за динамично реформирање и надградување на полицијата во современа исклучиво професионална институција, согласно сите модерни и во светот признати стандарди на полициското работење, ќе стори се во рамки на законските и финансиски можности да ви овозможи што е можно поквалитетни предуслови за работа.
Командантот на Единицата за брзо распоредување Вице Столески потсети дека од нејзиното формира до денес, ЕБР е вклучена во извршување на многубројни сложени и ризични безбедносни задачи, кои помогнаа единицата да се зацврсти и изгради како фактор на безбедноста на граѓаните и еден од столбовите за стабилноста на државата.
„ Единицата за брзо распоредување високо на лествицата на безбедносниот систем на државата, а како Единица во состав на Одделот за специјални полициски операции претставува суштествена вооружена формација на Министерството за внатрешни работи, која може секогаш и секаде да одговори на сите безбедносни предизвици. Без лажна скромност ќе ми дозволите да кажам дека навистина сме горди на постигнатото, бидејќи 21 година подоцна со полно право можеме да кажеме дека припаѓаме на Единица која е дел од историјата, која живее во сегашноста и ќе биде основа за безбедноста на граѓаните и државата во иднина.“, потенцираше командантот Столески.
Командантот Столески ги презентираше сите задачи со кои се занимава единицата, кои можат да ги извршуваат само мотивирани и добро обучени полициски службеници, а согласно со новите текови – членството на НАТО и процесот на евроинтеграција на државата се отвораат големи можности и планови за ЕБР.
Столески изрази посебна, искрена благодарност до семејствата на починатите на Единицата и потсети дека нивната храброст и жртвата која ја дадоа, никогаш нема да бидат заборавени, а на граѓаните им порача да бидат спокојни и мирни, да имаат потполна доверба во ЕБР бидејќи Единицата за брзо распоредување е секогаш тука за нив.
Официјални делегации од Владата, Министерството за внатрешни работи, семејствата на загинатите и починатите припадници на Едницата, делегација од Македонскиот полициски синдикат, од Одделот за специјални полициски операции и од самата Единица положија свежо цвеќе на Спомен плочата на загинатите припадници на ЕБР. На свеченоста беа доделени јубилејни плакети за најуспешните припадници на Единицата, за оние кои одбележуваат 5, 10, 15 и 20 години работа во нејзините редови, но и за пријателите и соработниците на Министерството за внатрешни работи и ЕБР. Во чест на Единицата беше емитуван и промотивен видео спот, а на крајот на свеченоста гостите ја посетија Спомен собата на ЕБР, каде се потпишаа во спомен-книгата на Единицата.