Во четврток 25 август со почеток во 19 часот, во просториите на селскиот дом во селото Суводол (демирхисарско), ќе биде отворена ликовна изложба на академскиот сликар Јован Петров.
Изложбата е во склоп на проектот Демир Хисар низ боите и звуците на уметноста II, а отворањето на изложбата, е воедно и официјален почеток на истиот.
Демир Хисар низ боите и звуците на уметноста II е интердисциплинарен проект кој ќе биде реализиран од втората половина на месец август сè до средината на месец септември 2022 година.
Проектните активности на манифестацијата ќе бидат спроведени на повеќе локации во општината (селскиот дом и селската продавница во селото Суводол, селскиот дом и селската продавница во селото Вардино, библиотеката АЛ-БИ во селото Бабино, Психијатриската болница), сè со цел подеднаква застапеност и пристапност на локалното население кон културните активности, како и децентрализација на културните настани.
Проектот има за цел да ја зајакне независната културна сцена во општината, а воедно со воведувањето на активности во руралните средини, исто така има за цел да ги активира и трансформира запуштените селски објекти.
Од областа на ликовната уметност, предвидени се четири изложби: изложба на Јован Петров, Емил Николовски, Митко Панов и изложба од приватната колекција на ЦКИ-НЕБО (фотографии креирани од лица хоспитализирани во Психијатриската болница во Демир Хисар).
На 3 септември во Библиотеката АЛ-БИ во Бабино, публиката ќе има можност да ужива во музичкиот настап на Дориан и Добрила Дуо, додека пак на 10 септември на истата локација ќе се одржи поетска дружба со Тихомир Јанчовски и Игор Трпчески. Во филмскиот дел, ќе биде прикажан првиот македонски долгометражен филм за деца Стела.
Проектот е во организација на ЦЕНТАРОТ ЗА КРЕАТИВНИ ИНДУСТРИИ-НЕБО од Суводол и истиот е финансиски поддржан од страна на Министерството за култура, преку конкурсот за поддршка на проекти од национален интерес за 2022 година.