Пуштено во употреба новото основно училиште во општина Илинден

Сподели

 

Новата учебна година во општина Илинден почна за околу 2000 основци и 300 средношколци, а за прв пат во училишните клупи седнаа и 203 првачиња и околу 90 средношколци во прва година запишани во СОСУ ,,Илинден”.

 

 

Учениците од прво до петто одделение од ООУ ,,Гоце Делчев” учебната година ја почнаа во новата училишна зграда која денеска официјално беше пуштена во употреба од страна на градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски и министерот за образование и наука Јетон Шаќири. Станува збор за високоенергетски ефикасен објект, со иновативен пристап и воведени нови технологии и еколошки материјали, со греење и ладење со алтернативни извори на енергија, опремено според највисоките безбедносни стандарди.

 

 

 

Градоначалникот Георгиевски истакна дека со изградба на новото училиште, обезбедена е квалитетна образовна инфраструктура со просторни услови за одвивање на современа наставна програма. Локалната самоуправа е целосно посветена на инвестициите во образованието, бидејќи тоа е една од најзначајните области за развој на општината. Тој додаде дека со отворањето на ова училиште за прв пат во општина Илинден се создадоа услови за продолжен престој за учениците од прво одделение.

Започнувањето на новата учебна година и успешно спроведување на воспитно-образовната програма, на првачињата градоначалникот им додели училишен прибор и им посака успешна нова учебна година.

При посетата на училиштето министерот Шаќири го искажа своето задоволство за новото училиште и им посака среќен почеток во новата учебна година на сите ученици.

 

 

Училиштето располага со 14 училници, наставничка канцеларија, конференциска сала, смарт табли, пет тоалети како и три простории за кујна со трепезарии. Сите простории се опремени со потребниот инвентар според највисоките нормативи и стандарди. Карактеристично за новото училиште е тоа што има и сензорна соба за поголема инклузија на децата со попреченост. Основните придобивки од отворање на ова училиште се модернизирање и проширување на просторните капацитети како и за прв пат воведување на настава со продолжен престој за учениците од прво одделение и обезбеден топол оброк за сите ученици од прво до петто одделение.

Надворешниот дел на објектот е хортикултурно уреден, поставена е фекална и атмосферска канализација, извршен е приклучок на училиштето на водоводниот систем, изградена е нова трафостаница која го снабдува со стабилен и квалитетен електричен напон училиштето, поставени се канделабри за осветлување, инсталиран е оптички интернет, извршено е заштитно оградување на училиштето како и изградени се два паркинг простори, еден за родители и еден за вработените во училиштето.