Украинските сили уништиле 9 командни штабови на руските инвазиски војски

Сподели

 

Со ракетни и артилериски напади извршени од одбранбените сили на Украина се уништени 9 командни штабови на руските вооружени сили, односно штабови на бригадно и батаљонско ниво, како и три позиции со непријателски трупи или техника, извести украинската државна новинска агенција ukrinform.net

Според Генералштабот на вооружените сили на Украина, рускиот непријател се обидува целосно да го заземе регионот Донецк, да ги задржи освоените територии и да го спречи напредувањето на украинските сили. Според украинската страна, руските сили продолжиле со напади врз цивилни живеалишта и врз цивилна инфраструктура, кршејќи го меѓународното хуманитарно право и правилата на војување.

Во текот на изминатите 24 часа, Русите истрелале 3 ракети, извршиле 32 воздушни напади и 58 ракетирања и артилериски напади на воени и цивилни објекти на украинска територија.

Како што соопшти украинскиот Генералштаб, од почетокот на руската инвазија на 24 февруари годинава, украинските трупи досега елиминирале 53.650 руски војници и друг воен персонал, од кои 350 само во текот на изминатото деноноќие.

Во нападите на градот Миколаив во изминативе 24 часа, животите ги загубиле двајца, а тројца граѓани се повредени, пренесува ukrinform.net.

Бил бомбардиран и градот Краматорск.

Во однос на извозот на украинска пченица преку Црното Море до крајните пазари, утрово уште 5 брода натоварени со пченица испловиле од украинска територија. Бројката е потврдена од Министерството за национална одбрана на Турција, извести украинската државна новинска агенција./Meta.mk