Селмани: Нема да учествуваме во играта без граници на партиите

Сподели

naser-selmani-860x680

„Ние баравме вистински реформи во медиумите, а потписниците на Договорот од Пржино ни испорачаа политичка фарса. Уште еднаш повторувам дека нема да учествуваме во играта без граници на партиите“, напиша претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Насер Селмани, на својот фејсбук-профил.

Инаку, новинарските организации на вчерашниот состанок со раководството на опозицискиот СДСМ категорично одбиле да учествуваат во консултациите за ад хок телото и во изборот на главен уредник на МТВ, дознава „Мета“.

Заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, разговарала со претставници на Советот на етика во медиумите (СЕМ), Синдикатот на новинари и медиумски работници (ССНМ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) за начинот и за концептот на избор на член во ад хок телото и на главен уредник на радиодифузниот сервис. На разговорите биле повикани претставници и од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), но тие не биле присутни на состанокот.

„Ме прашуваат колегите за вчерашните консултации на СДСМ со новинарските и со медиумските организации за ад хок телото во Агенцијата за медиуми. Јас сум на одмор, ама и да бев во Скопје, немаше да одам“, напиша Селмани.

Професорката Снежана Трпевска од МИМ ни изјави дека ова ад хок тело не може да помогне во средување на состојбата во медиумите.

– Потребна е департизација на Агенцијата за медиуми. Категорични бевме дека не веруваме дека ова тело може да го реши проблемот со медимите во земјава. Затоа и рековме дека нема да учествуваме во неговата работа – ни изјави Трпевска.

Насер Селмани од ЗНМ, по обелоденувањето на договорот на четирите партии во кои стои дека ќе се формира тело за контрола на медиумите, на прес-конференција рече дека не поддржува ваква идеја и дека нема да учествува во неговото формирање.

– Сто дена пред избори ќе имаме институции растргнати меѓу партиските интереси и влијание. Партиското ад хок тело во рамките на Агенцијата за медиуми е неприфатливо за нас. Единствено решение е избор на нов Совет на Агенцијата, при што ќе се изберат независни и стручни лица. Затоа ЗНМ нема да учествува во партиските консултации за фомирање на ова тело, затоа што не сакаме да легитимираме неодржливи партиски решенија кои нема да бидат во интерес на новинарите. Секоја друга можност што ќе ја имаме, ќе алармираме и ќе ја информираме јавноста дека тие решенија се неприфатливи – изјави Селмани.

Според информации од СДСМ, за овие функции се пријавиле 28 кандидати.

Ад хок телото, кое ќе работи до крајот на предвремените избори, треба да има пет члена.

Секоја од четирите партии, според договореното, треба да предложи свој претставник, а потоа тие со консензус треба да го изберат петтиот член. Според договорот, еден член од ова тело задолжително треба да биде Албанец.

Краен рок за формирање на ад хок телото е 19 август.