Спасовски: 53 случаи на криумчарење на мигранти и кривичен прогон против 62 лица

Сподели

 

Во интервјуто за вестите на АЛСАТ-М, на тема мигранти и постапки и мерки кои ги презема Министерството за внатрешни работи за зачувување на безбедност во државата и регионот, министерот Спасовски истакна дека и покрај тоа што на Блискиот Исток нема моментални активни жаришта на Блискиот Исток,  решението на проблемот на кризата мора да се бара таму каде што е изворот на кризата.

„Имаме држави коишто се осиромашени, воено уништени итн., и поради тоа најголемиот дел од тие луѓе и решаваат да ја напуштат нивната земја и да тргнат некаде во западноевропските држави. Генерално, обидите кај нас се намалени. Меѓутоа, има зголемување на мигранти кои што се обидуваат, ако не преку нашата држава, преку другите рути, како Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, или пак, влегуваат преку Бугарија, па преку Србија – имаме таков тренд на зголемување.  Во првите шест месеци имаме откриени 53 случаи на криумчарење на мигранти и преземени се мерки за кривичен прогон против 62 лица, од коишто 15 се странски државјани“, посочи Спасовски.

Во однос на регистрацијата и идентификација на мигрантите, министерот за внатрешни работи појасни дека секое едно лице  коешто се обидува илегално да оствари влез во Северна Македонија или лица коишто се криумчарени, веднаш по завршување на постапката се евидентираат, им се земаат податоци, се дактилоскопираат, податоците се внесуваат во системите за контрола на патници и возила на граничните служби, а понатаму се дел од анализи коишто ги прави МВР и се носат во времените прифатно-транзитни центри.

На прашањето дали се преземени потребните мерки оние мигранти кои ја минуваат т.н Балканската рута, а имаат криминално досие да не можат да поттикнуваат конфликти во земјава, министерот Спасовски дециден дека во сите овие изминати години, дури и во 2015/16 кога поминаа повеќе од еден милион и сто илјади луѓе,  не бил забележан посериозен инцидент којшто би ја наруши безбедноста во државата.

„Не може да се констатира дека поголемиот дел од овие луѓе кои што се обидуваат да транзитираат по оваа рута се луѓе со криминално досие. Но, ако прашаме дали има лица кои што се со криминално досие – да, има. Ако видите дека во најголемиот дел од случаите на криумчарење со мигранти секогаш имаме лице кое што потекнува од овие земји и коешто практично влегува во мрежата на криумчарите со мигранти, тогаш самиот факт говори дека  постојат лица коишто се со сомнително досие“, вели министерот Спасовски.

Запрашан дали некој од нив наместо во западноевропските земји можеби завршува како воен волонтер во Русија или Украина, министерот Спасовски е дециден: „Не постојат обиди од територијата на Северна Македонија да бидат регрутирани лица било каде. Со една многу посветена работа на граничните служби и генерално на македонската полиција и на БЈБ за да направиме сѐ и во најмал детаљ да се анализираат податоците коишто ги добиваме, сѐ со цел да не си ја загрозиме, пред сѐ, нашата безбедност и стабилност, преку влегување на лица коишто можат да предизвикаат одредени инциденти, а доколку постојат било какви индиции за одредени лица коишто се обидуваат илегално да влезат или коишто се дел од тие мрежи на криумчарење на мигранти, исто така, тие информации навремено ги споделуваме со меѓународните агенции, со нашите партнери, со цел да биде спречен било каков обид за нарушување на безбедноста, како нашата, национална, така регионалната безбедност или онаа на глобално ниво“.