Претседателот Стево Пендаровски, по повод 28 Септември, Меѓународниот ден на Бошњаците, упати честитка до припадниците на бошњачката заедница во Република Северна Македонија.
“Почитувани припадници на бошњачката етничка заедница,
Ви го честитам 28 Септември, Меѓународниот ден на Бошњаците.
Овој ден е еден од важните празници што го симболизираат богатството од етнички, верски, јазични и културни идентитети под македонското небо. Во нашата заедничка татковина, Република Северна Македонија, ние различноста на идентитетите ја разбираме не како слабост, туку како наша најголема сила и вредност. Оттука, одбележувајќи го Меѓународниот ден на Бошњаците, ние вложуваме во нишката на инклузивноста што ги држи различните етникуми заедно и во добро и во лошо.
Најголем успех на државата е ако сите нејзини граѓани, независно од нивниот идентитет, ја чувствуваат како своја татковина и ако преку своите засебности придонесуваат кон општото добро. Горди сме што вие, Бошњаците сте интегрален дел од македонското општество, но и важна врска на Северна Македонија со држави во кои живеат ваши сонародници. Верувам дека само сплотени ќе ги надминеме сите здравствени, политички и економски предизвици и ќе ја оствариме визијата за стабилна и просперитетна Република Северна Македонија.
Дозволете, уште еднаш, да ви го честитам 28 Септември, Меѓународниот ден на Бошњаците и да ви посакам многу здравје, радост и бериќет.