Уапсени петмина членови на бандата „Пинк Пантер“ во Барселона

Сподели

Pink-Panter

Шпанската полиција уапсила петмина осомничени членови на т.н. банда „Пинк Пантер“, додека се обидувале да ограбат златарница во Барселона, јавуваат светските медиуми.

Како што пренесува „Би-би-си“, специјална единица поставила заседа во златарницата и ги чекала крадците. Еден од нив, според полицијата бил вооружен, а во подготовката на операцијата за нивно апсење биле вклучени и полициите на Германија и на Србија.

Според Интерпол, бандата „Пинк Пантер“ во периодот од 1999 до 2015 година извела најмалку 380 грабежи на златарници ширум светот и украла накит чија вредност се проценува на околу 380 милиони евра.

Членовите на бандата, според податоците на Интерпол, потекнуваат од Балканот, односно од замјите на поранешна Југославија, а цел на нивните спектакуларни грабежи изминатите години беа и златарници во Лондон и Токио.

Во февруари 2014 година во Мадрид беше уапсен членот на „Пинк Пантер“, Борко Илинчиќ, кој е обвинет за вмешаност во спектакуларната кражба на накит од златарница во трговскиот центар „Ал Вафи“ во Дубаи во 2007 година.

Илинчиќ беше за прв пат изведен пред судот во Дубаи во јуни, оваа година, по неговата екстрадиција во Обединетите Арапски Емирати.

Името „Пинк Пантер“ и беше дадено на групата откако при акција за апсење на осомничени полицијата во Лондон пронајде дијамантски прстен сокриен во кутија од крема за лице, трик кој беше искористен во филмската комедија „Пинк Пантер“ со Питер Селерс во главната улога.

meta.mk