Во Советот за безбедност на Обединетите нации се одржа вториот прелиминарен круг на гласање за избор на нов генерален секретар на Светската организација, во кој најмногу гласови, како и во првиот круг освоил поранешниот премиер на Португалија Антонио Гутереш.
Според дипломатски извори, за кандидатурата на Гутереш гласале 11 членови на Советот за безбедност, двајца биле против, а двајца биле воздржани.
Македонскиот кандидат за генерален секретар на ОН, Срџан Керим и по вториот круг останува во изборната трка.
„После овој круг остануваат само осум кандидати и можеме да бидеме задоволни со нашиот резултат“, изјавил Керим по гласањето во Советот за безбедност на ОН.
Како што соопштуваат од неговиот кабинет „за разлика од првиот круг на гласање кој резултираше со висок пласман на кандидатите од Источна Европа, односно четири од петте прво пласирани беа од овој регион“, вториот круг на гласање имал „две импликации“.
„Прво, преку тактичко прегрупирање на гласовите обезбеден е порамномерен пласман во горниот дел меѓу кандидатите од Источна Европа и останатите региони. Второ, расчистена е состојбата во долниот дел на табелата така што очигледно е дека после овој круг на гласање ќе останат само осум кандидати во трката, и тоа четири од Источна Европа и четири од другите региони. Имајќи го сето тоа во вид можеме да бидеме задоволни со нашиот резултат кој обезбедува учество, како и добра позиција во понатамошната изборна трка“, соопштија од кабинетот на Керим.
На второ место, според добиените гласвои за поддршка на кандидатурата, се пласирал поранешниот словенечки претседател Данило Тирк, а на третото место била аргентинската министерка за надворешни работи Сузана Малкора, јавуваат светските агенции.
Сепак, според извори на белградски „Танјуг“, на второто место не бил Тирк, туку поранешниот министер за надворешни работи на Србија, Вук Јеремиќ, со осум гласови „за“, четири „притив“ и три воздржани. Според истиот извор Малкора била трета со осум гласови „за“, шест „против“ и еден воздржан.
Генералната секретарка на УНЕСКО, Бугарката Ирина Бокова добила седум гласови „за“, седум „против“ и еден воздржан.
Поранешната шефица на хрватската дипломатија Весна Пусиќ, која исто така беше кандидат за насленик на Бан Ки-мун, по првиот круг гласање ја повлече својата кандидатура.