Вечерва во Кинотеката е прикажан филмот ПРЕВРТЕНО (Upside Down) на Игор Иванов-Изи по повод 15 години од неговата премиера.
Дебитантскиот долгометражен игран филм на Иванов ја имаше светската премиера во 2007 година на Интернационалниот филмски фестивал во Карлови Вари, Чешка, каде што беше во конкуренција за наградата „East of West Award“. Малку подоцна ја освои наградата за најдобра режија на фестивалот во Валенсија (Шпанија) – Mostra de València-Cinema del Mediterrani, и со неговите подоцнешни остварувања, пред сè, со долгометражните играни наслови СОБА СО ПИЈАНО (2013) и ХОМО (2020), потоа долгометражниот документарен КОБРА (2018) и ангажманот како режисер/креативен директор во ТВ сериите ПРЕСПАВ, ИНСАЈДЕР, СЕНКИ НА БАЛКАНОТ (една епизода од првата сезона).
ПРЕВРТЕНО ја имаше македонската премиера на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола 2007. Филмот е работен според романот „Папокот на светот“ на Венко Андоновски (кој е и косценарист).
Иванов кариерата ја започнува работејќи авторски и ко-авторски проекти на првата приватна македонска телевизиска станица А1, и од тој период датираат ТВ проектите САБВЕЈ (1993-1994), НЕП (1995) и НАШЕ МААЛО (1999-2003).
Во 1997, Изи го реализира краткиот филм ЧАСОВНИК и ја освои првата награда на конкурсот на Европскиот Совет за краток игран филм од млади автори во 1998. По реализацијата на кратките документарни филмови КАВАЛ и ГАЈДА, го снима краткиот игран филм БУБАЧКИ, кој беше прикажан на Берлинскиот фестивал во конкуренцијата за краткометражни филмови, а ги освои наградите „Златен медал на Белград“ на Белградскиот фестивал на документарни и кратки филмови, St. Petersburg Message to Man Film Festival, San Francisco International Film Festival, како и наградата „Golden Pardino – Leopards of Tomorrow“ на фестивалот во Локарно.
Со играните наслови СОБА СО ПИЈАНО беше во конкуренција за награда од публиката на Chicago International Film Festival, а со ХОМО ги освои наградите на фестивалите Crossing The Screen, Festival del Cinema Europeo, IndieFEST Film Awards, WorldFest Houston…
***
– Какво е чувството на авторот на филмот по петнаесет години од неговата премиера? Како гледате денес на тој филм?
Не сум го гледал мошне одамна, мислам дека последен пат го гледав во 2007, во Валенсија. А за да одговорам на ова прашање, би сакал да помине утрешната проекција. Верувам дека временската дистанца од 15 години ќе ми овозможи објективно соочување со ПРЕВРТЕНО, неговите маани, вредности, недоследности и лудата енергија од нашата младост, која остана заробена во него.
– ПРЕВРТЕНО е еден од последните македонски долгометражни играни филмови снимени на 35-мм лента. Како автор кој секогаш е во „дослух“ со новите тенденции – технолошки, стилски, естетски – каква иднина му „прорекувате“ на филмот како медиум и уметност?
Ова е навистина тешко прашање. Дигиталната револуција отвори безброј можности и направи неверојатни поместувања. Филмот стана поедноставен за производство и за емитување, стана достапен секогаш и секаде., дури и на нашите мобилни телефони, на сметка на кино-културата која е во сериозна криза. Но, факт е дека филмот ги надмина и надживеа сите претходни закани. Многумина со појавата на телевизијата му предвидуваа крај на киното, но тоа, се разбира, не се случи. Следуваа други големи удари, видеотеките и домашното видео, сателитите и каблите, но филмот ги издржа и нив: стана подостапен, а со тоа и посилен од кога и да е порано. Убеден сум, времето ќе просведочи дека – колку и да делува апокалиптично по класичниот филм и кинокултурата – и оваа „закана“ на дигиталните платформи и интернетот ќе биде само нова минлива епоха, а филмот ќе продолжи да постои во неговата стандардна форма, се разбира прилагоден на времето во кое се создава.
– ПРЕВРТЕНО пред 15 години забележа главно позитивни филмски критики, Ве квалификуваа како „сериозен и инвентивен автор“, потоа дека „…филмот ПРЕВРТЕНО е едно од позначајните остварувања во нашата рецентна филмска продукција, и стои како еден од подобрите филмови во нашата понова кинематографија…“, со делумни забелешки околу наративната структура на филмот… Колку ви значи мислењето на филмската критика?
Филмската критика е неизбежен дел од процесот на создавање на филмови. Во таканаречената четврта фаза од производството на еден филм, фаза која се однесува на неговата промоција, тој се соочува со филмската критика. И во суштина, критиката има за задача да го промовира филмот, да ги истакне неговите особености и специфики поради кои би било добро тој да се погледне, укажувајќи се разбира и на неговите евентуални слабости и недостатоци. Но, во својата суштина, рецензијата и критиката постојат за да афирмираат, да ја упатат и насочат потенцијалната публика кон одреден филм. Кај нас, очигледно ова не е чест случај. Критиката е „вон-системска“, нередовна и неконзистентна, често произволна и паушална, поради што одамна престанав да ја следам. Но, се разбира ги читам написите за нашите филмови во „Варајати“, „Скрин“, „Синеуропа“. Погледот оттаму е многу побистар, ослободен од товарот на локалната завист и малограѓанштина. Лично сметам дека за катастрофалната состојба во третманот на културата во македонските медиуми е во нас самите. Едноставно, тие страници и минути ги предадовме без борба, ги препуштивме на жолтиот печат, хороскопите, шундот и купиштата бескорисни информации за подобар и посреќен живот.
– Пред реализацијата на ПРЕВРТЕНО веќе имавте завидна „километража“ во телевизиски и филмски проекти. Како и колку таа, евентуално, ви помогнала во креирањето на дебитантскиот игран филм? Како би гласела вашата (пре)порака до младите филмаџии-почетници?
Од секогаш сум сметал дека во оваа наша работа секој треба да води своја борба. Она што за некого било модел за успех, не значи дека ќе важи и за мене. Важно е авторот да поседува посебен и сопствен поглед на светот и животот. Се друго ќе си дојде или нема да си дојде, наше е да се трудиме и да не се откажуваме, дури и кога сè изгледа безнадежно.
– Од саундтракот на ПРЕВРТЕНО се изнедри и одличен, динамичен спот за темата „Ако ми дадеш“ на некогашниот скопски панк-рок бенд „Бадмингтонс“. Интересно, „Ако ми дадеш“ е ставена на (дигитален) носач на звук токму од страна на споменатото „Радио-103“, каде што и вие своевремено бевте радио-водител… Колку ви значеше/значи таа песна?
Бадмингтонс е фантастичен бенд, по мене најдобриот што сме го имале. Во него е врежан скопскиот асфалт, силата, радоста, безидејноста и глупоста на нашата генерација. И токму кога беше на пат да биде речиси заборавен, се случи ПРЕВРТЕНО, а со него се случи и кам-бек на оваа култна панк група, и тоа ме прави горд и среќен.
– Дали и што од гледна точка по 15 години смени ПРЕВРТЕНО? Што вие по 15 години би смениле во ПРЕВРТЕНО?
Да ме прашавте пред десетина години, речиси сигурно ќе имав точна идеја што би можело да се поправи или промени. Сега не би чепкал ништо…
Разговарал: Стојан Синадинов/преземено од Кинотека.мк