Со лицето кое синоќа беше приведено поради постоење на сомнение за поврзаност со заканите за поставени бомби во неколку средни училишта е извршен распит и претрес во неговиот дом.
– Со лицето е извршен службен разговор, во координација со Јавното обвинителство извршен е претрес во дом, одземени се предмети за вештачење и се преземаат мерки за расчистување на случајот, потврдија од МВР за МИА.
Платформата именувана како Conservative.mk синоќа на нивниот фејсбук-профил објави дека приведеното лице за наводна поврзаност со заканите за поставени бомби кои ги добија неколку средни училишта во Скопје e нивен член и активист Никола Николовски, за кој тврдат дека е неправедно уапсен.
-Одговорно тврдиме и демантираме дека нашиот член Никола има каква било поврзаност со овие настани. Никола е пред се’ општествено одговорен граѓанин, активист на Conservative.mk кој е активно вклучен во борбата против дезинформациите и fake news, кој со гордост ја претставувал Македонија на многу настани, натпревари и конференции, вклучително и во Европскиот Парламент, пишува на нивниот фејсбук статус.
Според платформата, ова е класичен напад врз слободата на говор, демократијата и начин како да се притиснат неистомислениците, затоа ќе се погрижат настанот да биде целосно расветлен пред органите, а вистинските лица кои стојат позади, како што наведуваат, овој нарачан напад да понесат целосна одговорност.
Главната цел на CONSERVATIVE.mk, како што стои на нивната веб страница е обединување на граѓаните кои веруваат во фундаменталните вредности на зголемување и подобрување на квалитетот на демократијата, здравата животна средина, слободниот пазар, класичниот либерализам, конзерватизмот и другите слични заложби и идеологии.
Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден доби пријави од девет училишта на територија на Скопје дека на нивните електронски адреси добиле порака со закана за поставена бомба, а по завршените антитерористички проверки соопшти оти е утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Девет училишта и минатата недела неколку дена по ред на нивните електронските адреси добиваа дојави за бомби, кои по проверката од страна на МВР се потврди дека се лажни пријави.