Украинската војска се приближува кон Херсон, на Русија ќе ѝ треба една недела за повлекување

Сподели

 

Украинскиот министер за одбрана Олексиј Резников изјави дека на Русија ќе ѝ требаат барем една недела за да ги извлече своите трупи од градот Херсон кон левиот брег на реката Днипро, пренесува Гардијан. Русија на десната страна на реката Днипро има околу 40.000 војници и разузнавачките податоци покажуваат дека овие сили и понатаму се лоцирани во и околу градот Херсон, појасни Резников.

Во меѓувреме, украинската војска продолжува со офанзивните дејствија на југот на Украина. Вчера тие успеаја да го ослободат градот Снихуривка, кој беше последното поголемо населено место во регионот Миколаив под руска контрола. Украинските власти тврдат дека е ослободено и населеното место Кусливка на 15 километри оддалеченост од градот Херсон.

Украинскиот генералштаб објави дека во Херсонскиот регион ослободиле 12 населени места како резултат на офанзивата што започнала на 9 ноември. Укринформ јавува дека руските сили и понатаму придвижуваат опрема и војници од едната на другата страна на реката Днипро, истовремено оформувајќи одбранбени позиции на левата страна на реката и ракетирајќи позиции на украинската војска на десниот брег.

Руските ракетирања не престанаа и во изминатово деноноќие. Во пристанишниот град Миколаив е погодена станбена зграда, при што двајца цивили загинаа, а двајца се ранети, пренесува Гардијан. Во Донецкиот регион во изминативе 24 часа загинаа двајца цивили како резултат на руските воени дејствија во градовите Бахмут и Авдивка, јавува Укринформ.

Русија продолжува и со нападите врз украинската критична инфраструктура. Во регионот Виница во централниот дел на Украина синоќа е погоден објект од критичната инфраструктура, пренесува Укринформ. Ваквите бомбардирања на цивилни објекти веќе предизвикаа рестрикции на струја и вода за пиење во одредени градови низ Украина. Украинските власти објавија дека Русија употребила 17 ракети и 50 дронови во нападите врз Украина изминатава недела./Мета.мк