Искршено стаклото на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид

Сподели

 

Повторно е оштетен бугарскиот клуб „Цар Борис III“ во Охрид. На фан страницата на Фејсбук на овој клуб, е објавено дека „маскирани патриоти“ чии лица се видливи, „уште еднаш ги нападнале Бугарите и бугарските клубови“.

„До кога ќе молчиме?“, прашуваат тие.

Во охридската полиција оштетувањето било пријавено во 2.05 часот по полноќ. Полицијата работи на расчистување на настанот. Оштетувањето било направено со камен.

На 7 октомври, наместо свечено отворање на овој клуб, имаше протест, на кој десетици граѓани го искажаа своето незадоволство од отворањето на Здружението на граѓани „Цар Борис III“ во Охрид. Протестот беше организиран од партијата Левица, а беше поддржан од ВМРО-ДПМНЕ. До Основното јавно обвинителство поднесена беше иницијатива за забрана за работа на ова здружение.

Во меѓувреме, Министерството за правда информираше дека за „да се превенираат одредени состојби, ќе се формира советодавно тело за давање мислење за употреба на име на историска и друга позната личност во името на здружение и друго правно лице.“

„Улогата на ова тело ќе биде советодавна, односно ќе дава мислење за карактерот на историските личности, начинот на кој ќе се формираат здруженијата со цел да се избегне злоупотреба на одредени личности кои имаат негативен контекс низ различни епохи“, наведено беше во соопштението од министерството./Meta.mk