Далечниот остров Палмира Атол во северниот Пацифик што е откриен од Едмунд Фанинг во 1798 година, е полн со мистерии. Таму се случувааат исчезнувања, невидливи убиства и гусарења, подводни пиратства и сл. Луѓе, бродови и други објекти од ништо ќе исчезнат за никогш да не бидат пронајдени. Се претпоставува дека таму делуваат некои паранормални сили, па затоа островот е празен. Според митологијата, додека островот бил воден од чесни водачи тогаш бил полн со луѓе кои живееле среќен живот. Но, кога во една фаза луѓето со години поддржувале еден алчен и нечесен водач, мајката на островот Палмира фрлила клетва врз луѓето и островот останал сосема пуст.
Изгледа и нас нѐ фаќа опасна клетва, по наша вина. Луѓето масовно бегаат од тука, зашто секој знае дека ако не бега – клетвата ќе го фати и него. Тука стана мирот поразорен од војната. Мртвите споменици поважни отколку живите луѓе. Тука, да си чесна личност стана глупост, а да си криминалец привилегија. Оти со години нѐ водат злобни мистериозни суштества. Десет години на празно веруваме дека животот ќе ни биде рај, а стасавме до средината на пеколот. Паранормално верувавме дека спасот е во нечесноста. Како слепи следбеници цело време слепо им верувавме на слепите водачи кои слепо нѐ водат по слепи патишта. Се движевме врзани еден за друг исплашени дека како индивидуалци ќе завршиме во измислен амбис, несвесни дека токму колективно ќе завршиме во длабок кањон. Власта знаеше дека длабоко во нас имаше нешто многу плитко.
Под паролата – „спасот е во нечесноста“, Груевски ги собрал лажните челници на лажните институции за да ги подучи како да глумат загриженост по исфрлањето луѓе во амбис. Им одржал лекција како со преживеаните. Капо на злото подучува како да се прави добро! И замислете до кое дереџе на измеќарлак се доведени – премиер, заменик-премиер, министер за внатрешни, градоначалници, што со восхит прифаќаат јавно да бидат помагарчени. Сѐ што кажал капо на злото – мора да биде апсолутна вистина. Мораа да климнат со глава и фасцинирано да докажат апсолутна лојалност. Што ли суштества ќе беа овие, кои заедно со сродните суштества од ДУИ, за единствен талент имаат градење пирамиди и масовни гробници. А што ли суштества ќе сме ние што сме доведени до дереџе да го сметаме за садист оној што ни посакува долг живот?!
Познато е дека Груевски сѐ знае. Од геологија, преку историја, генетика и архитектура, па сѐ до астрологија. А медицина знае неговиот министер видео-хирург. Но, знае и црна магија која гарантира вечна послушност. Ама знаел и геодинамика. Ете Македонија ја носел во Авганистан, а Скопје во Кандахар. А нас сите нѐ претворил во Талибанци.
За поплавите бил виновен Господ! Господ спречил да се постапи по документот за предупредување од поплави кој 10 години не бил читан! УХМР вели дека на илјада години можело ваков дожд да се случи (90 литри по квадрат)! Па во Ријека во 2013 година има паднато два и пол пати повеќе дожд и никаков потоп се нема случено, оти имаат систем. Тука кривично треба да одговараат многу луѓе, вклучувајќи и тој што потрошил 650 милиони евра за играчки, а не одвоил 120 милиона за целата држава трајно да расчисти со поплавите и да има доволно вода за наводнување. Некој ќе мора и кривично да одговара за загубените животи и имоти. Башка за траумите. И самите оштетени имаат право на тужба против државата. Брзо ќе заврши играта – кради на крупно за да не живееш на ситно.
Медиуми
Со години на луѓето им е вграден чип кој ќе ги натера да веруваат во лагата и да ја игнорираат вистината. Да веруваат на туѓи куртони, наместо на својот стомак! Промените не се лесни. Жан Жак Русо вели – луѓето навикнати на ропство, не можат да ја разберат слободата. Тие се како птицата во кафез која мисли дека летењето е глупава работа или некаква болест. Промафијашките медиуми продолжуваат со силна кампања во полза на поддршка на државната мафија. Настојуваат да ги убедат луѓето дека Груевски и неговата клика се поважни од животот на нивните деца. Дека мртвите споменици имаат поголема важност од живите луѓе (кои веќе не се живи). Канализација 5 информира како граѓаните ти биле задоволни од постапките на властите во оваа катастрофа!
А лицето не премиерот ѓон. Ниту грам совест да го гризе што нечии деца и роднини завршија како жртви на неговата фатална политика. По телефон нарачува пакети од конзерви, што покажува дека институциите служат само за да бидат уринирани. Самиот командува со тие квази-институции со што потврдува дека тие што ги поставил таму не му вредат ништо. Ете, доживеавме душевни болни да ни ја водат државата за да ја претворат во лудница. И сега човекот е сѐ помалку човек; партиите се сѐ помалку партии, а сѐ повеќе мафијашки организации; а поединците се сѐ помалку поединци, а сѐ повеќе држава.
Сиротиот Иванов морал да повика да се воздржиме од „отровен цинизам“. Така му е наредено. Тоа значи да молчиме за украдените милијарди, за криминализирање на изборите, зе мега-рекетите, за газење по човечкото достоинство, за тоа што стасавме до светско лидерство во сиромаштија, за масовниот егзодус, за сегашниот потоп – оти ќе му го нарушиме душевниот мир на неговиот газда. Епа господине Иванов, по сѐ што сте направиле како комплетна владина гарнитура, не ви преостанува ништо друго освен да си купите по една јаже.
Мирен или крвав расплет
Како сето ова ќе заврши? Крајот на режимот е блиску, но дали тоа ќе биде на мирен начин или ќе имаме крвав расплет, многу брзо ќе видиме. Избори ќе има, ама начинот на нивното одржување и исходот ќе биде личен избор на Груевски. Тој во свои раце има само три карти. Две се губитнички, а третата може да е погубна за сите, но и за него лично. Првата е, Груевски да ја предводи кампањата, но според некој невидлив договор лесно да си го признае поразот (тоа си има своја цена). Втората, е тој со сите напори да добие некаков поволен изборен резултат и самиот да се повлече од политиката, надевајќи се дека ќе има заштита. Третата е, со сите средства да обезбеди „победа“, со што истиот ден ризикува дестабилизација. Имено истиот ден, бројни внатрешни и надворешни организации ќе ги прикажат јавно многубројните кражби, поткупувања, притисоци и закани и истите ќе бараат (со помош и на улицата) веднаш да се поништат изборите. Многумина веднаш ќе завршат во затвор.
Тоа ќе значи и крај на ВМРО како партија, која ништо не успеела да направи за својот спас. Стана роб на криминалот во сопствените редови, посебно на мега-криминалот на своето водство, кое рака на срце ништо нема заедничко со вистинското ВМРО. Членството наивно поверувало дека ако не се држат заедно ќе висат одделно. Сега, дворските слуги и шутови измислуваат секакви опасности од – радикали, бегалци, „предавници“. Но, сите веќе сфаќаат дека вистинската опасност доаѓа од ваквото водсвто, кое ја има укинато границата меѓу нормалниот живот и самоуништувањето. Изборите се тука и после гласање нема каење.
И да не заборавим. Пред вистински суд ќе треба да седнат сите поддржувачи на ваквото криминално здружување, заедно со бројните медиуми, судии и обвинители.