Нема иницијатива за вонредна седница на Собранието за поплавите

Сподели

Sobranie-na-RM

Засега нема официјална иницијатива за одржување на вонредна седница на Собранието, кое е на колективен одмор, а прва закажана седница е дури на 24 овој месец.

Никој од службата за односи со јавност не е достапен на телефон.

Од пратеничката група на СДСМ велат дека досега немаат добиено никаква покана за седница, ниту, пак, има најава дека такво нешто ќе се случи.

Дали треба да се собере Собранието го прашавме и координаторот на пратеничката група на СДСМ, Горан Сугаревски, но одговор не добивме.

Поранешниот претседател на Македонската академија на науките и уметностите, Владо Камбовски денеска го повика првиот човек на Собранието, Трајко Вељаноски да го прекине одморот и да свика итна седница.

Камбовски во изјавата за порталот „Сакам да кажам“ предлага на собраниската седница за поплавите да се донесе закон за нестопански инвестиции, освен оние кои се од важност за државата и нивно пренасочување за потребите на граѓаните кои претрпеа огромна материјална штета и ги изгубија своите најблиски и домовите.

„Еве шанса Собранието да смогне сили да стави крај на нерационалните трошења на Владата. Седница мора да има. Ова не е појава која се случила еднаш во илјада години. Ако се случила еднаш, ќе се случи пак. Каде е реакцијата на Собранието, 22 граѓани загинаа во катаклизмата со поплавите, а претседателот Трајко Вељаноски и пратениците не свикаа седница. Вељаноски итно, треба сам да свика вонредна собраниска седница на која ќе се побара извештај од Владата што прави со денови, зошто е збркана, како се справува со последиците од поплавите, зошто луѓето од поплавените подрачја се оставени сами на себе“, вели Камбовски.

meta.mk