Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во својство на претседавач на Организацијата за безбедност и соработка во Европа – ОБСЕ, во Виена, имаше работна средба со министерот за надворешни работи на земјата-домаќин на ОБСЕ Австрија, Александар Шаленберг.
На средбата, министрите Османи и Шаленберг разговараа за предвидените активности во рамки на претседавањето на Северна Македонија со најголемата светска регионална безбедносна организација, во 2023 година.
Министрите разменија мислења за актуелните случувања во регионот на ОБСЕ, како и за улогата на Организацијата во справувањето со последиците предизвикани со агресијата на Руската Федерација врз Украина.
„Војната на агресија против Украина продолжува, а луѓето се првите кои ја почувствуваа мачнината која ја предизвикаа денешните геополитички превирања. Најмногу страдаат оние кои се директно изложени на војна и конфликт. Другите чувствуваат несигурност и неизвесност. Нивниот начин на живеењее доведен во прашање; секојдневниот живот е нарушен. Тие треба да се ослободат од стравот од војна“, потенцираше Османи на средбата со Шаленберг.
Меѓу главните заклучоци од средбата беа обезбедувањето поддршка за функционалноста на институциите на ОБСЕ, кои нудат разновидни механизми во поддршка на обновувањето на мирот и безбедноста, спречувањето на идни конфликти, како и промовирањето на соработката низ регионот на ОБСЕ.
Министерот Османи, во својство на претседавач со ОБСЕ, денеска во Виена ќе ја презентира програмата на нашето претседавање со организацијата.
Во обраќање пред Постојаниот совет на ОБСЕ, министерот Османи ќе зборува за предизвиците со кои се соочува Организацијата, нашата визија и планови како претседавач во 2023 година.
Министерот Османи ќе реализира и билатерална средба со претседателот на Швајцарската Конфедерација, Алаин Берсет и со раководните структури на независните институции, теренските мисии, останатите извршни тела на ОБСЕ, како и со специјалните претставници на претседавачот.