Наша амбиција е членство во ЕУ до 2030, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи, за време на средбата со шефот на Делегацијата на ЕУ во Република Северна Македонија, амбасадорот Дејвид Гир.
Во фокус на разговорите беше соработката меѓу ОБСЕ, со која актуелно претседаваме, и ЕУ, вклучително и потребата од поблиска координација во дадениот чувствителен геополитички контекст.
Министерот Османи го брифираше евроамбасадорот за неодамнешната посета на Киев и средбите со украинскиот државен врв. Во таа смисла, најави посета на Брисел кон крајот на месецот, каде во својство на претседавач со ОБСЕ, ќе се сретне со челниците на институциите на ЕУ, при што централна тема на разговор ќе биде Украина.
Соговорниците разменија мислења и околу европското досие на старт на скрининг процесот, усвојувањето на уставните измени и потреба од искрена политичка волја и проевропски курс од сите политички фактори во државата.