САД и Германија согласни да испратат тенкови како воена помош за Украина

Сподели

 

САД и Германија планираат да испратат тенкови како воена помош за Украина, при што официјален Кијив се надева дека овој потег ќе ја промени играта на военото поле, пишува Би-би-си.

Се очекува администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден да ги објави плановите за испраќање најмалку 30 тенкови „М1 Абрамс“.

Германскиот канцелар Олаф Шолц, исто така, одлучил да испрати најмалку 14 тенкови „Леопард 2“, а на оваа тема тој денеска треба да зборува во парламентот.

Руските власти преку портпаролот на Кремљ изјавија дека најавената одлука на Германија „нема да донесе ништо добро“ и ќе остави „траен белег“ на односите со Русија.

Украинските власти пак посочуваат дека итно имаат потреба од потешко оружје и велат дека доволно борбени тенкови би можеле да им помогнат на силите на Кијив да ја вратат окупираната украинска територија од Русија.

САД и Германија досега се спротивставуваа под внатрешен и надворешен притисок да ги испратат своите тенкови во Украина. Германците неколку месеци дебатираа на темава, поради загриженоста дека испраќањето тенкови ќе го ескалира конфликтот и ќе го направи НАТО директна страна во војната со Русија.

Американските медиуми известуваат дека најавата за пратки на Абрамс во Украина може да дојде веднаш во среда, а неименувани официјални лица наведуваат дека може да се испратат најмалку 30 тенкови.

Сепак, временскиот период кога Украина ќе може да ги користи тенковите на фронтот останува нејасен, бидејќи би можело да потрае многу месеци за американските борбени возила да стигнат до фронтот, бидејќи е неопходна не само испорака, туку и обука на украинскиот воен персонал за нивно користење.

Велика Британија веќе соопшти дека ќе испрати тенкови „Челинџер 2“ во Украина.

Полска, како една од 16-те европски и НАТО земји што има тенкови „Леопард 2“ од германско производство, се залага да ги испрати возилата во Украина, но според правилата за извоз, потребна е дозвола од Берлин.

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус претходно изјави дека Берлин им дал зелено светло на другите нации да ги обучуваат Украинците да користат тенкови „Леопард 2“, но не се обврза да испрати нивни.

Во меѓувреме, Русија продолжува со воените дејствија на територијата на Украина. Ракетирања врз населени места во изминативе 24 часа се регистрирани во регионите Харкив, Донецк, Днипропетровск и Херсон. Во Купјанск, Харкивскиот регион биле погодени неколку приватни куќи, но нема информации за загинати лица.

Укринформ јавува дека еден цивил загинал, а шест лица биле повредени во гранатирањето на градот Херсон од страна на руските сили. Овој град во 52 наврати бил мета на руските гранати вчерашниот ден, при што погодени биле станбени згради, болница, школо, поликлиника и други објекти.

На североистокот од Украина, во регионите Суми и Чернихив биле ракетирани 11 погранични населени места од руските сили, но нема информации за повредени и загинати лица, пренесува Укринформ.

Од руското гранатирање и воени дејствија во Донецкиот регион во изминативе 24 часа биле повредени 10 цивили, при што биле погодени невоени објекти во неколку населени места во овој регион, јавува Укринформ.

Според податоците на Кијивската школа за економија, во воената агресија што ја започна Русија врз Украина заклучно со декември 2022 година биле нанесени штети на украинската инфраструктува во висина од 137,8 милијарди долари. Во период од еден месец, висината на сумата пораснала за 2 милијарди долари, а бројките се однесуваат за периодот од почетокот на воената агресија на 24 февруари минатата година.

Најголема штета од воената агресија врз Украина има кај станбениот фонд, каде се уништени или оштетени станбени зданија во висина од 54 милијарди американски долари. Индустријата и претпријатијата во Украина претрпеле штета од руските воени дејствија во висина од 13 милијарди долари, додека кај самата инфраструктура (патишта, железници, гасоводи, нафтоводи итн.) досега се пријавени оштетувања од 35,6 милијарди долари, пишува Укринформ./Мета.мк