Собрани 401.598 евра на солидарната сметка на Црвен крст и од телефонските броеви

Сподели

crven krst

На сметката на Фондот на солидарност на Црвен крст до сега има собрано 9.630.333 денари (156.590 евра), а од донирање на 100 денари со повик на телефоните: 075/070/077 143 400 до сега се собрани 8.918.000 денари (145.008 евра) велат од таму за „Мета“. Со вчерашната уплата на „Пивара Скопје“ и компанијата „Кока Кола“ вкупните средства изнесуваат 401.598 евра.

– Денеска ќе легнат парите од вчерашната уплата на „Пивара Скопје“ и компанијата „Кока Кола“, така што сумата на солидарната сметка денеска ќе биде многу поголема – ни изјави Александра Ристовски од Црвен крст.

За овие пари да бидат распределени до семејствата, најпрво треба да излезат тимови на терен кои ќе ја проценат штетата.

– Црвен крст нема да ја врши распределбата на парите. Загрозените семејства ќе ги добијат парите откако ќе се направи увид на терен и ќе се процени штетата од страна на претставници на Општина Гази Баба, државата, стручни лица – додава Ристовски.

Таа вели дека во текот на изминатите четири дена, тимови на Црвениот крст дистрибуирале:

  • 8.283 пакети со храна (еден пакет е за 4 лица)
  • 818 пакети со хигиена
  • 60 тони вода
  • 350 пелени
  • 394 душеци
  • 1.078 кебиња
  • 598 килограми облека

Во целата операција биле вклучени 80 лица, волонтери и стручна служба на Црвениот крст, седум мобилни тимови за прва медицинска помош и активиран е целокупниот логистички потенцијал на Црвениот крст.

Во однос на обвинувањата за селективниот пристап во донирањето од страна на оваа организација, од таму велат дека тие работат по принципот на делење на помош од куќа на куќа и дека ниту едно семејство не е одминато.

– Бројката од дистрибуирани 8.283 пакети кажува дека тука не станува збор за никаква селективност. На терен има многу други лица кои не се под надлежност на нашата организација, а екипите на Црвен крст помагаат без селективност – додава Ристовски.

Црвениот крст апелира да се донираат конзервирана и бебешка храна, пелени, вода за пиење, средства за хигиена, средства за дезинфекција, лопати, гумени чизми, кофи, гумени ракавици и батериски лампи.

Помошта може да се предаде во магацините на Црвениот крст во Момин Поток и во ОУ „Наум Наумовски Борче”- Скопје од 08 до 18 часот.