Пропусти во градежното планирање можеби е една од причините за големите последици од поплавите кои во саботата го погодија Скопје и околината, изјавиле денеска од тимот експерти на Европската Унија, пренесува „ТВ 21“.
Тие денеска ги посетија и извршија увид во подрачјата во Скопје погодени од невремето.
„Треба да се анализира капацитетот на каналите и на дренажата и тие треба да се одржуваат. Постои можност планирањето да не е како што треба. Можеби куќите се изградени на места кои се подложни на поплави. Така што поплавите можеби не може да се избегнат, но сепак, може да се направи повеќе со цел да се ублажи штетата“, изјавил шефот на Одделот за соработка на Делегацијата на ЕУ во Македонија, Мартин Клауке.
Македонија во понеделникот го активираше Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, по што во земјава беше испратен тим на експерти кои треба да извршат проценка на предизвиканата штета и да дадат препораки на властите за цивилна заштита на национално и на локално ниво.
Преку механизмот беше ангажиран и сателитот „Коперник“ кој направи сателитски снимки од подрачјата во Скопје и околината, погодени од невремето, кои треба да помогнат во справувањето со последиците.