Внимавајте, лажни електронски пораки се испраќаат во име на МВР

Сподели

 

Во однос на пристигнати пријави од граѓани за добиенa електронска порака, наводно во име на министерот за внатрешни работи, во соработка со полициската канцеларија на Европол, во која во вид на повик за појавување во суд од страна на Сектор за прекршоци, примачот на пораката се известува дека е предмет на наводни правни постапки за низа измислени кривични дела, кои ги нема сторено, МВР ги известува граѓаните дека станува збор за лажна порака која не е испратена од страна на МВР, ниту од било која институција за спроведување на законот.

Притоа, во испратените мејлови, примачот на пораката се повикува да го контактира испраќачот преку Вибер линк.

Овие електронски пораки се класичен обид за измама во кој целта на измамниците е да дојдат до личните податоци на испраќачот со цел нивна понатамошна злоупотреба. Затоа апелираме на посебно внимание, овие пораки да не се отвораат, а уште помалку да се контактира испраќачот преку доставениот линк и да се споделуваат личните податоци кои ќе ви бидат побарани.

Исто така, предупредуваме да не ги отворате линковите и датотеките кои се испратени во прилог на е-мејл пораката која доаѓа од непознат испраќач, со цел заштита на вашиот компјутерски систем од малициозен софтвер.

Воедно, информираме дека ваквите обиди за измама се со меѓународен предзнак, имајќи предвид дека електронски пораки со слична содржина во изминатиот период беа испраќани и на граѓани во земјите од регионот, соопштуваат до МВР.