Здружението на новинари на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници ги повикува сите медиумски професионалци на протестен марш во петок (17.02) кој ќе почне од Владата на РСМ до Собранието, на кој заеднички и сплотено ќе го изразиме нашето незадоволство од нападите врз новинарите, навредите и понижувањата од политичарите, нелојалната конкуренција, небезбедните услови во кои работат новинарите, лошата социо-економска состојба.
На маршот ќе бидат испратени пораки од претставници на ЗНМ и ССНМ, а ќе бидат доставени и следните барања до Владата и до Собранието.
– Итно донесување на неопходните закони кои се важни за правата на новинарите и работата на медиумите и нивно доследно имплементирање
– Јавните функционери и политичарите да ги почитуваат новинарите и снимателите
– Крај на агресивниот државен пи-ар
– Поддршка за локалните новинари и медиуми
– Почитување на работничките права на новинарите и медиумските работници
– Безбедни услови за работа на новинарите и медиумските работници
Петок, 17.02.2023, со почеток во 10:30 часот пред Владата на РСМ