Медиумската регулатива, составена од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Законот за медиуми, ќе се менува во две фази. Првата е за хармонизација на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со Директивата на ЕУ за аудиовизуелни медиумски услуги и треба да заврши до крајот на мај 2023 година. Усогласувањето на Законот ќе измени постојни и ќе утврди нови обврски за радиодифузерите, за услугите „видео по барање“, и за регулаторното тело, но ќе донесе и проширување на регулацијата врз нови субјекти на медиумскиот пазар, пишува Емилија Јаневска за Республика.
Законските измени се засноваат на кандидатурата за членство во Европската Унија и, во тој контекст, на обврската да го вградиме правото на ЕУ во националната правна рамка во сите релевантни области, вклучувајќи и усогласување на националното медиумско законодавство.
Измените на Законот се нужни и поради учеството на државата во Програмата „Креативна Европа“ на Европската комисија, во сегментот МЕДИУМИ и Меѓу-секторскиот сегмент кој меѓу останатото обезбедува фондови за промовирање на медиумската писменост, плурализмот и слободата на медиумите, како и активности за помош на секторот во прилагодувањето на структурните и технолошките промени со кои се соочува.
Директивата за аудиовизуелни медиумски услуги обезбедува минимум хармонизација на конкретни области од националните законодавства за да овозможи слободно движење на аудиовизуелните медиумски услуги на европскиот единствен пазар.
Ваквата координација на националните законодавства има за цел: создавање еднакви услови за работа на аудиовизуелните медиуми; обезбедување правила за обликување на технолошкиот развој; зачувување на медиумскиот плурализам; заштита на децата и потрошувачите; борба против омразата; зачувување на културната разновидност; и гарантирање на независноста на медиумските регулатори.
Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во голема мера е усогласен со европските стандарди. Најавеното изменување и дополнување е за усогласување со ревидираната Директива која е во сила од 18 декември 2018 година. Ревизијата на Директивата беше поттикната од значајните промени на пазарот како резултат на конвергенцијата на телевизијата и на интернет услугите.
Техничкиот развој овозможи појава на нови видови услуги, етаблирање на нови играчи на аудиовизуелниот пазар и секако нови кориснички искуства. Се сменија и навиките за гледање аудиовизуелни содржини, особено на младите, а на новите видови содржини, како што се видео клиповите и содржините креирани од самите корисници, им се зголеми важноста. Социјалните медиуми пак, станаа важно средство за споделување информации, за забава и едукација.
Оттаму, обидувајќи се да ги рефлектира случувањата на европскиот пазар, ревидираната Директива го зголеми опфатот и врз новите услуги и новите даватели на услуги кои се натпреваруваат за истата публика и за истите приходи како и аудиовизуелните медиумски услуги и имаат слично влијание како овие услуги затоа што им даваат можност на корисниците да ги обликуваат и да влијаат врз мислењата на другите корисници.
Регулацијата се проширува врз платформите за споделување видеа
Со измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со регулација ќе бидат опфатени субјекти како YouTube, Dailymotion и други платформи. Потоа, аудиовизуелните содржини што се споделуваат преку социјалните мрежи какви што се Facebook, Twitter, Tik Tok, Instagram и др. Но, и врз самостојните делови од веб страниците на весниците или онлајн медиумите кои содржат аудиовизуелни програми или видеа креирани од корисниците, доколку ги исполнуваат критериумите за аудиовизуелна медиумска услуга.
Повременото користење на видеа на веб сајтови, блогови, портали за вести и понатаму нема да биде регулирано. Називот на оваа нова категорија субјекти е – платформи за споделување видеа.
Имајќи предвид дека регулацијата на аудиовизуелните медиумски услуги на европскиот единствен пазар се заснова на принципот „земја на потекло“, надлежност да постапуваат во однос на овие платформи ќе имаат единствено регулаторните тела во земјите каде што тие се основани. Македонскиот медиумски регулатор, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ќе биде надлежна за платформите за споделување видеа што се основани или ќе бидат основани во државата, како и за оние кои ќе ги исполнат условите да бидат под наша јурисдикција.
Извор: pixabay.com
Платформите за споделување видеа немаат уредувачка одговорност за содржините што ги обезбедуваат, но имаат влијание врз нивната организација на платформата. Затоа, ќе треба да преземат соодветни мерки за да обезбедат: заштита на малолетниците од содржини штетни за нивниот развој; заштита на граѓаните од содржини кои поттикнуваат насилство или омраза; и заштита на граѓаните од содржини чие споделување претставува кривично дело (тероризам, детска порнографија, расизам и ксенофобија и сл.).
Мерките што ќе ги преземат платформите за исполнување на новите обврски, не смеат да водат кон претходна (ex-ante) контрола или филтрирање на содржините што се објавуваат, затоа треба да се однесуваат на организацијата на содржината, а не на самата содржина. Некои од мерките можат да бидат, на пример, востановување механизми за прием на поплаки од корисниците, апликација на системи за верификација на возраста и системи за родителска контрола, иницијативи за зголемување на медиумската писменост и др.
Зајакнување на стандардите за комерцијални комуникации
Исто така, аудиовизуелните комерцијални комуникации (интегрален концепт што ги опфаќа рекламирањето, телешопингот, спонзорството и пласирањето производи) на платформите ќе треба да ги почитуваат генералните барања што се за нив утврдени во Законот. Ова не се однесува само на комерцијалните комуникации огласени, продадени или договорени од давателите на услуги платформи за споделување видеа, туку и на оние вградени од нивните корисници.
Платформите ќе треба да обезбедат транспарентност на аудиовизуелните комерцијални комуникации која, меѓу другото, предвидува јасно да ги информираат корисниците за комерцијалните комуникации содржани во програмите и видеата што ги споделуваат.
Законот ќе ги дополни и генералните правила за аудиовизуелните комерцијални комуникации, кои освен за платформите за споделување видеа, важат и за радиодифузерите и медиумските услуги видео по барање (video on demand). Ќе се додадат насоки за примена на саморегулација и корегулација со цел: намалување на изложеноста на децата на комерцијални комуникации за храна и пијалoци што содржат масти, трансмасни киселини, сол, натриум или шеќери; и намалување на изложеноста на децата и на младите на комерцијални комуникации за алкохолни пијалoци. Дополнително ќе се забранат сите видови комерцијални комуникации за електронски цигари и за патрони за нивно дополнување.
Новини и за радиодифузерите и за услугите видео по барање
Радиодифузерите ќе добијат полиберални правила во однос на лимитите за рекламирање и за пласирањето производи во програмите, но ќе им се зајакнат обврските да обезбедат пристапност до содржините на лицата со сетилна попреченост. Тие ќе имаат поголема флексибилност да одлучат кога ќе емитуваат реклами. Се напушта лимитот од 12 минути на реален час емитувана програма, но за да се обезбеди заштита на корисниците од прекумерно рекламирање особено во ударното време, се утврдува лимит според кој максималното време за рекламирање изнесува по 20% во два временски периоди од деноноќието (меѓу 6 и 18 часот и меѓу 18 и 24 часот).
Според новата одредба, пласирањето производи ќе биде забрането само во вести, актуелно-информативни програми, програми за деца, религиозни програми и во програмите кои нудат совети на корисниците, вклучувајќи и оценки за набавка на производи и услуги. Пристапноста до содржините за лицата со сетилна попреченост пак, ќе треба да се направи, без одложување преку прогресивен и континуиран процес.
Услугите видео по барање ќе добијат конкретни обврски во однос на уделот на европските аудиовизуелни дела во нивната понуда. Тој ќе треба да изнесува најмалку 30%, а ќе треба да им обезбедат и добра видливост на овие содржини во каталозите. Сепак, правилата даваат можност за иземање од обврските на компаниите со ниски приходи и малку корисници, како и на услугите кај кои во зависност од природата или форматот, овие обврски би биле несоодветни или неоправдани.
Зголемување на надлежностите на медиумскиот регулатор
Во согласност со планираните измени на Законот, регулаторот ќе треба: да го смени начинот на спроведување на мониторингот за дел од законските обврски; да измени неколку подзаконски акти и да подготви неколку нови; ќе треба да утврди критериуми за мерењето на уделот на европските аудиовизуелни дела во каталозите на услугите видео по барање, како и за тоа кои услуги би биле ослободени од оваа законска одредба; ќе биде одговорен да ја проверува „соодветноста“ на преземените мерки од страна на платформите за споделување видеа; и ќе треба да направи база со податоци, за сите медиумски услуги под негова јурисдикција со посочување на критериумите врз кои е заснована јурисдикцијата, што ќе ја направи јавно достапна.
Новите законски обврски ќе ја нагласат потребата за интензивна соработка на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со другите регулаторни тела, како на национално, така и на европско ниво.
Предложените измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, надлежното Министерство за информатичко општество и администрација ги подготви во рамки на Проектот ЕУ за слободата на изразување: Усогласување на националното законодавство за медиуми со ЕУ законодавството и медиумските стандарди, што се спроведува од септември 2022 до септември 2023 година.
Втората фаза од измените на медиумската регулатива ќе биде фокусирана на прашања поврзани со медиумскиот плурализам и сопственоста, функционирањето на пазарот, Јавниот радиодифузен сервис, правната рамка за вршење на новинарската професија и др.