Старите изнемоштени лица во општина Кисела Вода со нова социјална помош и нега во домот

Сподели

 

Oколу 40 лица над 65 години на кои им е потребна грижа и нега, како и лица со намален функционален капацитет и попреченост кои живеат на територија на општина Кисела Вода, во наредниот период ќе почнат да ја добиваат неопходната помош и нега во рамки на нивните домови.

 

 

За нив секојдневно ќе се грижат 20 лиценцирани негуватели од Нега центарот Кисела Вода кои ќе им обезбедуваат помош во одржување на личната хигиена, при обезбедување на потребните намирници, лекови и слично, како и во одржување на домот.

Развојот на оваа услуга е дел од сеопфатната социјална реформа на Владата и ресорното министерство, која финансиски е поддржана од Светска банка, преку Проектот за подобрување на социјалните услуги, а има за цел да го одржи и подобри вкупниот квалитет на  животот на корисниците во нивното семејно опкружување.

„Ефектите од воведувањето на ваквите нови социјални услуги со кои значајното се подигнува квалитетот на живот на старите изнемоштени лица, кои наместо во установа, неопходната грижа ја добиваат во нивниот дом, се вистинскиот показател за успешноста на социјалната реформа. Дополнително, преку оваа реформа се создадоа реални можности за работно ангажирање како негуватели на невработени лица, самохрани родители и лица од социјален ризик. Особено е важно што голем дел од нив се жени, што ја покажува посветеноста на министерството за економско зајакнување на жените, особено на оние од ранливите категории. 

Со новиот центар ќе управува Црвениот крст на Град Скопје кој за воспоставување на новата социјална услуга ја доби соодветната дозвола за вршење дејност од областа на социјалната заштита што ја издава Министерството за труд и социјална политика.

Во рамките на Проектот за подобрување на социјалните услуги, што го спроведува Министерството за труд и социјална политика, досега се воспоставени и поддржани 22 проекти за воведување социјални услуги во 27 општини ширум земјата. За давање на услугите обучени се и лиценцирани над 300 лица, кои обезбедуваат стручна поддршка и нега за околу 1000 корисници.