Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција отвори предмет за изборот на компаниите за надзор на изградбата на автопатите, кои се дел од коридорите 8 и 10Д.
„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, следејќи ги информациите по медиумите поврзани со изградбата на автопатите, со цел да ги провери наводите што се изнесуваат во јавноста, отвори предмет по допрен глас. Предметот е распореден кај надлежен јавен обвинител, кој презема дејствија и ќе изврши проверки, по што ќе донесе јавнообвинителска одлука за понатамошниот тек на постапката“, велат од Обвинителството кое го предводи обвинителот Ислам Абази.
Со Договорот со „Бехтел и Енка“ што беше потпишан на 8 март годинава, ќе се градат четири автопатски делници во должина од 108,8 километри. Вредноста на проектот е 1,3 милијарди евра, без парите за експропријацијата и проектирање.