На 30 март, во 11 часот во порта Македонија ќе се одржи состанок на директорите на националните архиви од државните сукцесори од поранешна СФРЈ, овластени од своите влади за спроведување на Анекс Д од Спогодбата за сукцесија, која се однесува на заедничкото архивско наследство од поранешна СФРЈ.
Во 2001 година беше потпишана Спогодбата за прашањата за сукцесијата на поранешната СФРЈ, која влезе во сила три години потоа. Прв заеднички состанок на дирекотрите на националните архиви од државите сукцесори на поранешната СФРЈ е одржан во 2011 година во Белград. Анексот Д од спогодбата предвидува дека дел од државниот архивски материјал на СФРЈ треба да и припадне во оригинал на РС Македонија. Примената на овој Анекс што се однесува на заедничкото архивско наследство е од стратешко значење за државата.
На состанокот, кој ќе се одржи утре, меѓу другото ќе се анализираат досегашните резултати и можностите за дигитализација на нашето заедничко архивско наследство, како и наоѓање можности за финансирање заеднички проект за дигитализација.
Директорот на Државниот архив, д-р Емил Крстески е именуван од Владата на РС Македонија за овластен претставник во Зедничкиот комитет за сукцесија за архивите, а притоа воедно е домаќин на настанот. На состанокот ќе присуствува претставник на Министерството за надворешни работи.