Вести Изјави Македонија Топ теми Ударни вести

Ван дер Белен: Возот со скрининг процесот веќе тргна кон Брисел и е на добар пат

Сподели:

 

Сојузниот претседател на Република Австрија, Александер ван дер Белен, денеска се обрати пред Собранието на РС Македонија, во рамки на неговата прва официјална посета на земјава.

Во обраќањето, Белен рече дека привилегијата да се обрати пред Парламентот ја сфаќа како знак на почит кон, како што рече, извонредните  билатерални односи меѓу Австрија и Северна Македонија.

 

 

„Негуваме тесни политички контакти и тука во Парламентот сакам да ги истакнам добрите односи со австрискиот Парламент“, рече Белен.

Тој им порача на пратениците дека треба да останат на патот кон Европската Унија

„Возот со скрининг процесот веќе тргна кон Брисел и е на добар пат. Но движењето на возот не зависи само од сигналот, туку и од постојаното додавање енергија. За време на патот кон Брисел, и Владата и Парламентот треба да ја даваат таа енергија“, рече австрискиот претседател. Пратениците да останат концентрирани и да продолжат да ја убедуваат ЕУ со конкретни резултати, за што, како што рече, е убеден оти граѓаните и граѓанките на Северна Македонија ќе бидат благодарни.

Ван дер Белен истакна и дека Северна Македонија заслужи меѓународна поддршка и признание за постигнувањето на Преспанскиот договор, како што и претходно земјава стана пример за успешен соживот во регионот со потпишувањето Охридскиот рамковен договор.

„За да продолжи процесот на проширувањето, сега е потребен уште еден видлив знак на потврда на таа разноликост во вид на промена на Уставот. Не верувам дека е реално дека договорот од јули 2022 година ќе се преговара уште еднаш. Важно е да се гледа напред, а не наназад. Да се гледа кон заедничка европска иднина и да се работи на неа. Затоа вреди да се направи следниот чекор, кој не е лесен. Австрија и натаму ќе ви биде сигурен сојузник“, рече Белен во обраќањето пред Собранието.

Тој истакна дека ЕУ се залага за, како што рече, единство во различностите и дека македонскиот јазик не е загрозен. Оцени дека компромисот е, како што рече, централен камен на демократијата. Австрискиот претседател посочи и дека Северна Македонија во последните години играше посебно активна улога во регионалните иницијативи. Го истакна и претседателството на Северна Македонија со ОБСЕ, во, како што рече, најтешката фаза на Организацијата, со оглед на руската агресија над Украина.

Говорот на австрискиот претседател во Собранието го следеа претседателот на државата, Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, членови на Владата и на дипломатскиот кор во земјава, како и претставници на верските заедници и на правосудството.

Сподели: