ГИЛОТИНА ЗА ИНАКУМИСЛЕЧКИТЕ – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели

 

Кај нас со години се зборува и пишува за тоа дека треба да се поддржат и поттикнат способните, умните и вооружените со знаење. Се зборува и пишува дека ни е неопходен некаков наш, специфичен културно-уметнички израз, а кога на хоризонтот ќе се појави некој што може да го изрази тој „специфичен културно-уметнички израз“, сите завидливи неолиберални малограѓани, кои си замислиле дека се некаква општествена „елита“, и сите „меки“ психопати кои се искомплексирани од сопствениот животен неуспех, почнуваат да врескаат кон него и да го омаловажуваат и плукаат, да го прогласуваат за демагог и памфлетист, да го черечат како безвреден плагијатор и фолирант.

 

Александар Литовски

Нашиот просечен малограѓански лудак не може да поднесе никаков, ниту најмал, успех, на некој негов близок, комшија, роднина, македонски сограѓанин. Ама затоа се воодушевува од успесите на некои безвредни холивудски старлети, или извикани и преплатени спортисти. Тие вербални и физички насилници кои мразат сè околу себе, а особено учените и писмените, никако не можат да разберат дека една работа е да се пишуваат псовки, клетви и глупави интернет статуси, а сосема друга работа да се пишува зналечки, сериозно и со респектибилен стил.

Нашите завидливи, самопрогласени, „спасители“ на „граѓанската култура“ и „модерноста“, всушност се многу грд свет, иако, на прв поглед, може да се каже дека се љубезни, мазни, фини до лигавост, многу често формално академски образувани и почитувани личности во општеството и, особени, во политичко-партиските кругови. Фото-роботот на нашиот завидлив и агресивен малограѓанин, исцртува човек кој ги мрази сонародниците, ја мрази сопствената земја, ги мрази и критикува сите околу себе, а особено оние јавни личности кои нешто постигнале во животот на професионален план. Исцртува човек, кој при здрава памет и целосно свесно, се определува да биде неолиберален десничар кој лае на сите страни за да го одбрани богатството и општествено-економскиот систем на газдите од Волстрит. Причините за ваквите определби на овие црви во човечки облик се многубројни, но најбитните се поврзани со нестивнувачкиот стремеж за пари, кои, им се чини дека може да ги обезбедат, единствено, преку трошење на плукачките жлезди и продажба на сопственото македонско национално достоинство.

Всушност, нашиот ситен, но грандиозно завидлив интелектуален сноб, сфатил дека камелеонството како карактерна особина можеби лошо им изгледа на некои, по нивни критериум, „маргинални моралисти“, меѓутоа тоа носи привилегии и богатство во неолибералниот капиталистички свет. Затоа, тој воопшто не размислува за моралноста, односно неморалноста, на лицемерието, туку смета дека само правовремено и „мангупски“ се сообрзил со новонастанатата состојба на политичката сцена. Тргнувајќи од своите лукративни, често партиски, интереси, тој наш полуписмен „ловец на вештерки“, секогаш е подготвен да оцрнува, потценува, деградира и плука кон способните и чесните, за кои му се присторило дека го напаѓа „граѓанско-демократскиот“ поредок, или ја напаѓа неговата политичка опција, без разлика колку таа политичка структура во изминатите триесетина години се покажала како мафијашка, или антимакедонска.

Политичките организации и нивните пропаганди стратези сфатиле дека скандализацијата е испробано медиумско средство за создавање симболичка реалност во која можат да остварат политичка добивка, па затоа секојдневно произведуваат хистерија од незадоволство. Во таа какафонија со висока децибелност, дел од политичките актери се обични малициозни непрокопсаници, кои за себе сметаат дека се најповикани да го  заштитат „светиот“ капиталистички поредок и дека токму тие треба да судат, затвараат и бесат по кратка постапка, за јавно напишана или изговорена критика кон стварноста, кон нивните „свети“ граѓанско-неолиберални вредности, или кон нивните, локални или глобални, газди. Трагикомично е што некои од овие интелектуални полтрони на империјализмот, се класичен пример за глупавост, неморалност и безвредност.

На друга страна, постојат мноштво дежурни „душегрижници“, поправо кажано –исфрустрирани незадоволници, кои знаат сè, од медицина и историја до квантна физика, и кои секојдневно шират радиоактивна омраза и катастрофична хистерија. Тие, пивнувајќи големи количини алхохол по пивниците или биртиите, јавно ја покажуваат својата болна ароганција со која длабоко ги презираат „филозофите“ и „филозофијата“. Тие пауни, надуени со безразложна ерудитска самодоверба, всушност, ги сметаат умните и писмени луѓе за неспособни „сељаци“ и „измамници“, кои лесно може да се купат и поткупат. Исто така, незадржливо ги презираат и сите останати „робови“ кои пишуваат проза или поезија, кои цртаат, копаат, градат, ѕидаат, се потат додека работат на сонцето, кои продаваат по продавниците, програмираат, предаваат по училниците, односно сите кои чесно работат.

Сите овие наши празноглави „мудреци“, кои го мразат не само својот народ, туку и својот пород, мислат дека сечие мислење е еднакво издржано и еднакво вредно. За нив мислењето и зборот, на пример, на еден Расел, има иста или помала вредност од едикојси Трпе од Путурус, кој нели е „вооружен“ со „богато животно искуство кое му овозможува да проникне во сите тајни на земјата и вселената“. За тие релативизатори и сурови аморални судии, сите гледишта се плод на нејасно, неодредено, метафизичко потекло, та затоа се еднакво издржани и вистинити. Тие простаци себе се сметаат за религиозни луѓе и редовно одат во црква или џамија, а сосема „ладнокрвно“ и со „неподнослива леснотија“ го отфрлаат тврдењето, на пример, од дарвиновата еволуционистичка теорија за потекло на луѓето и сметаат дека христијанската „тајна на создавањето“ е веродостојна. Се чини дека Крлежа, кога би можел повторно да го пишува својот легендарен есеј „За човечката глупост“, не би можел да најде подобри егземплари од нашиве религиозни биготи.

Сите наши опскурни и инвадилизирани интелектуални франкештајни, деноноќно, таинствено ѕиркаат од зад прозорците на своите ковчези кои ги нарекуваат „дом“ и очекуваат да се појави некоја жртва, по која, крвожедно, ќе се нафрлат заради некаква грешка или некаков пропуст. Дури, ако им е потребно, и самите измислуваат некаква туѓа „грешка“, оти таа за нив е „животен сок“ и најважен извор за заработка. Така, со нашата стварност владеат слабокрвни, слабоумни и слабоморални балсамирани мумии и снобовски вампири, кои се хранат со туѓата несреќа и туѓата пропаст. А, нивните зомбирани поклоници, иако не ги разбираат „модернистичките“ празнозборења, сепак ги сметаат и прогласуваат за „генијални објави“ од „ненадминати пророци“. Тогаш, во таквата стварност, во времиња кога се подигнал вителот на лудилото, глупоста и стомакозборноста, кој корне и носи сè пред себе, добро е човек, понекогаш, да опомене и предупреди на трагедијата во која општеството го туркаат некои, интелектуално и образовно, просечни или потпросечни, неолиберални платеници и пратеници на апокалипсата.

Впрочем, сета оваа јавна вербална гилотина за инакумислечките, воопшто не треба да изненадува, оти образовниот болонски систем во комбинација со доминантната и сеприсутна холивудска кич-култура, се таква комбинација која, веќе долго време, произведува купишта неписмени или полуписмени генерации, кои како нормални ги прифаќаат вулгарната простачка комуникација која е, своевиден, јавен линч и „демократската“ цензура. Се чини дека не само што е сосема плаузабилна Марксовата констатација дека „специјализацијата го дехуманизира човекот“, туку сите сведочиме дека стручноста и спороумноста, сè повеќе, одат рака под рака. За жал, ќе биде потребен долг процес на освестување пред да се ослободиме од токсичните мисли на оваа наша сенишна орда од завидливи монструми и роденови „мислители“, кои создаваат фиктивни хистерии во јавноста и го дефокусираат општеството од реалните проблеми, од нефункционалноста на институциите, од реалната економско-социјална нееднаквост која, полека, но сигурно, нè уништува. Секако, за сопствено добро и доброто на сите жители, државата, преку своите институции, мора еднаш да го започне тој долг и мачен процес на ослободување од вревливата глупост и злоба, од затупувачката религиозност и суеверие, од фетишите на неолиберализмот, преку поттикнување на вистинското образование и култура, со истовремено востоличување на вредносен систем кој ќе ги фаворизира и наградува успешните и доблесните поединци, оние кои си ја сакаат земјата, оние кои си ги сакаат своите сограѓани и кои го поттикнуваат општиот прогрес.