Претседателот на Владата Димитар Ковачевски денеска во Тетово присуствуваше на поставување камен-темелник на проектот Коридор 8, со што се означи почетокот на изградбата на модерен, современ автопат Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани, Требениште – Струга – Ќафасан.
Изградбата на Коридорот 8 значи поврзување на државата со другите земји од Европа, значи странски инвестиции, економски развој на земјата, побрз трансфер на луѓе и роба, развиен туризам и пред сè безбедни и сигурни патишта за граѓаните.
“Коридорот 8 и коридорот 10д се најголемиот инфраструктурен проект досега во нашата држава во патниот сектор. Вредноста на Договорот за изградба на коридорите 8 и 10д изнесува 1,3 милијарди евра. Ќе се градат четири автопатски делници во вкупна должина од околу 110 километри. Вакво нешто никогаш во историјата на нашата држава не било направено. До денес, овие два коридора биле само план на хартија, кој никогаш не бил реализиран од разни причини. Денес тоа се менува и започнува нивната реализација. За прв пат како држава се поврзуваме кон запад и исток, а не како досега само поврзување север и југ. Со изградбата на автопатите нашата држава ќе биде поврзана со уште две пристаништа. Пристаништето во Драч и пристаништето во Бургас и тоа за нас е одлична можност и перспектива за развој. Северна Македонија ако досега беше кружен тек, сега со овој коридор 8 станува вистинска крстосница на Балканот.
Тоа е нашата иднина, единствено со вложување во капитални проекти обезбедуваме можности за стопанството, за бизнис заедницата, вложуваме во функционално, модерно, патно поврзување на целиот овој регион. Оваа инвестиција на Северна Македонија ѝ отвора нови европски рути и воспоставува поврзување со регионот, што е од исклучителна важност за нашата економија.
Среќен сум што реализацијата на патната инфраструктура продолжи без разлика на тешката економска криза не само кај нас, туку насекаде во светот. И покрај кризата, оваа Влада која ја предводам, инвестира во создавање на квалитетни услови за живот на сите граѓани без разлика во кој дел од државата се наоѓаат.
Јас нема да отстапам од инвестиции во инфраструктурата, нема да отстапам од инвестиции во енергетската независност на државата и нема да отстапам од инвестиции во зголемување на енергетските капацитети на државата, бидејќи тие се предуслов за економски раст на државата.
Посебно ми е драго што овој автопат ќе биде голема шанса за развој на Северна Македонија. Коридорот 8 и 10д се многу важни за нашата стратешка автономија со која нашата земја ќе се најде на сообраќајната и економската карта на Европа”, изјави премиерот Ковачевски.