Центарот за едукација при Музеј на Република Северна Македонија повеќе од две децени се занимава со едукација на различни целни групи, почнувајќи од предшколска возраст, завршувајќи со трето доба, како и лицата со попреченост. Проектите кои ги осмислува стручниот тим на едукаторите од Центарот за едукација, содржат активности кои се реализираат по одредена методологија и динамика, со кои се задоволуваат потребите и интересите на воспитно – образовните установи.
Еден од тие проекти насловен како „Велигден“ беше реализиран со учениците од III-1, III-2, III-3, III-4 и III-5 од ООУ „Блаже Конески “ и учениците од III-а, III-б и III-в од ООУ„Браќа Миладиновци“. Работилниците при проектот започнаа на 13.03.2023г. и ќе траат до 13.04.2023г.
Во рамките на проектот учениците имаа можност преку посетата на музејот и учеството во едукативните работилници да научат што е тоа музеј, која е неговата улога, како треба да се однесуваме во него и како се празнувал празникот Велигден во минатото во нашата земја.
Со овој проект имаме за цел да ги запознаеме учениците со нашата богата традиција, која треба да ја зачуваме и пренесуваме од колено на колено и на тој начин учиме за нашето минато.