Преку обединет пристап до одговор на предизвиците во енергетскиот сектор

Сподели

 

Пратениците Лазе Таневски и Зоранчо Јованчев, членови на Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Северна Македонија, учествуваа на Интерпарламентарна конференција посветена на иднината во снабдувањето со енергија на ЕУ.

Конференцијата се одржа на 24 април 2023 година во Стокхолм, Кралството Шведска, во организација на Парламентот на Кралството Шведска во рамки на Шведското претседателство со Советот на министри на ЕУ.

Покрај Делегацијата од Собранието, на Конференцијата учествуваа и претставници од националните парламенти на земјите членки на ЕУ и земјите кандидати за членство во ЕУ, министри од Владата на Кралството Шведска, претставници од Европскиот парламент, Европската комисија, меѓународни организации и невладиниот сектор. 

На конференција беа разменети мислења во врска со безбедноста во снабдувањето и предизвиците на пазарите на електрична енергија, тековната состојба со снабдувањето на енергија во ЕУ и за одржливото истражување, развој и иновации, како решение за предизвиците со кои се соочува ЕУ во делот на  енергијата. 

Од страна на учесниците беше истакнато дека во текот на 2022 година повеќето европски земји се соочија со недостиг на доволни количини енергенси, што предизвика енергетска криза и пораст на цените на електричната енергија за индустријата и домаќинствата. Од страна на Европската комисија и повеќето европски земји беа преземени низа мерки за надминување на ваквата состојба и стабилизирање на енергетскиот пазар.

За да се намали зависноста од увозот на енерегенси од Русија, во наредниот период треба да се изврши диверзификација на изворите за снабдување со разни видови енергенси.

Состојбата со недостиг на доволни количини енергенси се очекува да продолжи и  во текот на 2023 година и затоа е потребно да се преземат низа мерки за земјите да ја дочекаат наредната зима без поголеми нарушувања во енергетскиот сектор.

Една од главните цели на ЕУ и земјите поединечно, е транзицијата кон зелена енергија и напуштање на користењето на јагленот и другите фосилни горива за производство на електрична енергија. Остварувањето на поставените цели за напуштање на фосилните горива ќе придонесе за заштита на животната средина и борба со климатските промени кои негативно влијаат на глобално ниво.

 

Исто така, беше истакната и потребата од инвестиции во нови технологии кои ќе придонесат за поголема енегетска ефикасност и производство на електрична енергија по пониска цена, од што бенефит ќе имаат индустријата и домаќинствата.

Долгорочно треба да се размислува за реформа на енергетскиот сектор и транзиција кон енергија добиена од сонце и други обновливи извори на енергија. Потребен е обединет пристап на земјите членки на ЕУ и земјите кандидати за членство во ЕУ за да се одговори на предизвиците со кои се соочуваат земјите во енергетскиот сектор.