Кралството Холанција донира медицинска помош во вредност од 500. 000 евра, која треба да пристигне оваа недела, пишува на Фејсбук страницата на Кралството Холандија и на официјалната интернет страница на амбасадата.
„Штетите во некои реони се толку големи и затоа испраќаме медицинска помош. Многу е важно овие производи да стигнат што е можно поскоро во погодените места за да се превенира состојбата, да не дојде со влошување“, стои во изјавата на министерката за развој Лилијан Плумен.
Во соопштението се наведува дека во дваесетте палети медицинската опрема има сетови за интубација, материјали за прицврстување, кислородни маски, апарати за мерење крвен притисок, гастрични туби, ќебиња, медицински инструменти, ханзапласт и завои. Помошта се очекува во петок да пристигне во Македонија.
Минатата недела, холандскиот експерт за води, Петер Глерум допатува во Македонија за да го предводи експертскиот тим на Европска Унија кој ја проценува хуманитарната ситуација во земјата, како и да утврди колкава е штетата од поплавите кои усмртија 22 лица.