Со промоцијата на монографијата „Со поглед кон Европа“, со дваесет текста од исто толку автори – за остварувањата за македонистиката во Риека од 2008 година до денес и за перспективите во времето што следи, беше одбележан јубилејот 15 години Лекторат по македонски јазик во Риека, Хрватска.
По повод одбележувањето на овој значаен јубилеј се реализираа повеќе активности во чија организација беа вклучени повеќе институции како: Градот Риека, Универзитетот во Риека, Филозофскиот Факултет при Универзитетот во Риека и Лекторатот по македонски јазик како дел од Одделот за кроатистика, Меѓународниот Семинар за македонски јазик и КИЦ на РС Македонија во Загреб.
Голем интерес на Филозофскиот факултет во Риека предизвика изложбата на фотографии „Патувања без споменици: Фрагмент Македонија“ од хрватскиот фотограф Марио Пуќиќ. Мотивите од нашата земја, нејзините природни убавини и фрагментите од урбаната култура видени низ објективот на Пуќиќ, на големиот број присутни им овозможија едно уникатно запознавање со нашата земја, поттикнувајќи интерес со многу прашања од помладите генерации. Со своја промотивна реч, изложбата ја отвори директорката на македонскиот Културно-информативен центар во Загреб, проф. д-р Наталија Поповска. Потоа одржа промоцијата на првиот превод на избор од македонски авторски сказни од македонски на хрватски јазик – „Детелинки белинки“ („Djetelice bjelice“), кој е потфат на актуелната лекторка по македонски јазик во Риека, м-р Биљана Стојановска и нејзините студенти по македонистика од Отсекот за преведување, кои ги преведоа текстовите. Посебно внимание предизвика и настапот на хорот на македонското културно друштво „Илинден“ кој исполни македонски изворни песни со што се овозможи хрватската јавност да се запознае со уште еден сегмент од македонската култура, а сето тоа беше збогатено со дегустација на македонски традиционални специјалитети и македонско вино.
Јубилејот 15 години Лекторат по македонски јазик во Риека е од исклучителна важност за перспективите на македонистиката на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Риека, во Хрватска и воопшто како дел од мрежата лекторати ширум Европа.