Пендаровски на конференцијата „Односи меѓу заедниците: Перцепции, надежи и стравови, предизвици и решенија“

Сподели

 

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на конференцијата „Односи меѓу заедниците: Перцепции, надежи и стравови, предизвици и решенија“ во организација на ЦИВИЛ-Центар за слобода.

Вековната традиција на мултиетничка коегзистенција и почитување на различните од нас се наша важна стекната вредност. Најголем успех на државата е кога сите нејзини граѓани, независно дали се Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци или припадници на други етнички заедници, независно дали се христијани, муслимани, Евреи или атеисти ја чувствуваат како своја единствена заедничка татковина.

За жал, стагнацијата во европските интеграции, етнизацијата и партизацијата на политиката и на институциите доведоа до длабока поларизација во општеството. И денес сме, а и во иднина ќе бидеме исправени пред предизвикот: што да направиме за да ја подобриме состојбата?

Мојата прва теза е дека најповолни услови за мултиетничка кохезија нуди функционалната демократија. Во едно етнички, јазично и верски хетерогено општество, какво што е македонското, единствено функционалната демократија може да осигура заеднички живот за различните идентитети. Функционалната демократија овозможува хармонизирање на интересите, заедничко градење на политиките и обединување околу јавниот интерес.

Притоа, овој процес е двонасочна улица. Ако сме сите исти, тогаш немаме ништо уникатно да придонесеме, ниту нешто ново да научиме од другите. Затоа, колку што демократијата ја крепи различноста, толку различноста ја збогатува демократијата.

Мојата втора теза е дека и внатрешната кохезија и функционалноста на демократијата директно зависат од европските интеграции и од тн. европски вредности, кои, пак, имаат дополнително значење во нашиот специфичен домашен контекст.

За нас тие значат јакнење на демократските институции, но и создавање услови за просперитет на заедниците и на општеството во целина. Демократијата не може да се сведе само на гласањето на денот на изборите. Таа вклучува владеење на правото, функционалност на институциите, почитување на заедниците, колективна посветеност кон општото добро и деликатен баланс меѓу правата и одговорностите на секој нејзин граѓанин. А сето тоа се постигнува со превземањето на европските стандарди и вредности во секој сектор на државата и во секоја сфера на општеството.

Европските интеграции и вредности се важни и за регионот на Балканот каде што сеуште постојат ретроградни тенденции со деструктивен потенцијал кои во услови на бројни кризи, вклучително и војната во Украина, можат негативно да се одразат и врз нас.

Сведочиме дека опасните наративи за големи држави на Балканот сеуште се злоупотребуваат за мобилизирање на се поапатичните и се помалубројни гласачи во нашиот регион, особено во изборните години. На ваквите провокации на кои сме и ние изложени од време на време, одговорот е јасен – европските интеграции се единствената противтежа на сите оние кои се обидуваат да го поделат општеството, да ги свртат заедниците една против друга, за да можат да ги реализираат своите анахрони идеи.

Се разбира дека во овие времиња е неопходна и поголема решителност и јасна стратешка визија и на страната на Европската Унија, затоа што во услови на војна на континентот, јасно е, повеќе од кога било порано дека процесот на проширување не е бирократско, туку, пред сè, геополитичко прашање.

Со нашиот пристап кон градењето на односи на почитување и соработка меѓу различните етнички и верски заедници, ние сме позитивен пример не само за нашиот регион. Историското искуство не научи да не се плашиме од различните, туку да ја прифатиме и почитуваме различноста. Во сите наши државотворни акти, од Крушевскиот Манифест, па се до Рамковниот договор се провлекува суптилната нишка на инклузивност на различните етникуми. Нашиот модел на соживот надживеа државни системи и идеологии, војни, конфликти и бројни кризи, во меѓувреме.

Се разбира, тоа не значи дека имаме луксуз да живееме на стара слава. Работата е далеку од завршена, затоа што прашањето на меѓуетничка кохабитација никогаш не можете да го архивирате како дефинитивно одговорено. Ни треба многу поголема политичка и институционална поддршка за помалубројните етнички заедници со цел да го зајакнеме специфичниот македонски модел на соживот. Наспроти некои толкувања, Рамковниот договор не е само македонско-албански договор, туку е договор за сите. Договорот подразбира целосна интеграција во институциите на државата не само на Албанците, туку и на сите етнички заедници во Северна Македонија, независно од нивната бројност.

Во тој контекст, многупати досега имам кажано дека внесувањето на помалите етнички заедници во Уставот, вклучително и на Бугарите, нема да ја загрози безбедноста на државата, ниту ќе ја разниша нашата внатрешна стабилност. Токму затоа го поддржав процесот за уставни измени и делегирав свој претставник во работното тело.

Убеден сум дека колку сме поразлични, толку е поширок хоризонтот на можности. И сето тоа зависи само од нас и од нашата подготвеност да ја прифатиме различноста како општо добро.

За жал, сведоци сме дека во некои делови од државата, различните заедници не живеат заедно, туку едни покрај други. Подобра интеграција, со почитување на различностите, не може да се постигне само со политичките процеси. Верувам дека промените во таа насока треба да почнат од најмлада возраст, во образовниот процес кој треба многу повеќе да ги промовира заедничките вредности.

Факт е дека според личните идентитети сме различни, но, треба да бидеме обединети околу она што сакаме да го постигнеме и што ниту еден од нас индивидуално и ниту една заедница не може да го постигне засебно. Тука мислам на многу посилен економски развој, квалитетно образование и здравство, и здрава животна средина во која ќе постојат услови секој од нас да ги реализира своите амбиции, а, при тоа, да не изгуби ништо од своите лични, етнички, верски или професионални белези.