Владата ја усвои Информацијата во врска со потребата од ставање налепници со „НМК“ ознака на регистарските таблици, на предлог на МВР.
Во служба на граѓаните, со ставањето на овие налепници ќе се избегнат дополнителни финансиски трошоци за издавање повеќе нови документи/лиценци/сертификати, коишто се поврзани со бројот на регистарската таблица, а истовремено во целост се почитува обврската за ознаката на новиот код на Република Северна Македонија, изјави министерот Оливер Спасовски.
Покрај ова, со ова решение им овозможивме олеснување и на транспортерите кои патуваат во ЕУ, со што ќе ги задржат постојните таблички на транспортните возила, а истовремено ќе бидат заштитени од потребата за промена во целокупната документација во државите членки на ЕУ каде што извршуваат транспортни услуги.
По ова, МВР во најскоро време ќе изготви измена на постојниот Правилник за формата и содржината на образецот на барањето за издавање на пробните таблици, формата и содржината на регистарските таблици и на пробните таблици на возилата, како и начинот и постапката на нивно издавање и граѓаните ќе може со минимални трошоци да ја завршат и оваа граѓанска обврска, изјави министерот Спасовски.