Грковска: Не смееме да дозволиме пораст на евроскептицизмот

Сподели

 

„Имаме реформски фронт и силна политичка волја за да се исполнат стратешките приоритети на државата, чија крајна цел е подобар стандард и подобар живот за граѓаните. Но, треба да се потсетиме дека не сите досегашни влади беа вистински реформски настроени и резултат на тоа е што проблемите се таложеа без да се решаваат со години. Наместо реформи гледавме популизам и репресија“, истакна заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, на панел дискусијата – „Руската агресија над Украина: Нов моментум за проширувањето на ЕУ?“, организирана од Белградскиот центар за безбедносна политика, која денеска се одржа во Скопје.
 
Вицепремиерката Грковска додаде дека како најголем предизвик за реформскиот процес е состојбата во правосудството, каде што и покрај сите напори, обуки и инвестирања, резултатите се далеку од задоволителни и тоа се одразува на сите останати сегменти во општеството.
 
„Неказнивоста и селективноста пред законот е причина за екстремно ниската доверба на граѓаните во судскиот систем, но и главна пречка за владеењето на правото во државата. Поразителна е таа нееднаквост пред законите, во која тие се обврзувачки само за обичниот граѓанин“.

Околу предлозите за алтернативи на постоечката методологија за пристапување кон ЕУ, вицепремиерката истакна дека такви иницијативи, за земји кои се во средина на процесот, само ги поттикнуваат евроскептиците да ја засилат својата кампања против приближувањето кон ЕУ, што е особено загрижувачки во контекст на војната на Русија против Украина.

На настанот на Белградскиот центар за безбедносна политика, кој е независен истражувачки центар кој придонесува за унапредување на безбедноста на граѓаните во согласност со демократските принципи и почитувањето на човековите права, учествуваше и Претседателот на РС Македонија, Стево Пендаровски, Весела Чернева од Европскиот совет за надворешни односи и Дарко Булдиоски, програмски директор на Отворено општество – Европа и Централна Азија.