Вработен во Затворската полиција ослободил затвореник од Идризово

Сподели

 

Единицата за корупција при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, денеска до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против Ј.Ј.(47) од Скопје, за сторено кривично дело „противзаконито ослободување на лице лишено од слобода“, предвидено и казниво по член 373 од Кривичниот законик. Тој, во својство на службено лице – вработен во Затворска полиција во КПУ-КПД Идризово Скопје, го ослободил осуденото лице Д.К. од Куманово, овозможувајќи му да избега од установата.

Имено, Ј.Ј. на 20.05.2023, додека бил на смена, го ослободил Д.К., осуден на издржување казна затвор до 2027 година за сторени кривични дела по чл.237 ст.1 и чл.396 ст.1 од Кривичниот законик, кој имал затворен третман од категорија Б2. Осуденикот, искористувајќи ја довербата на Ј.Ј., му ја побарал службената магнетна картичка за отворање на безбедносната врата од Отвореното одделение, со образложение дека ќе оди во друг дел од одделението каде претходно бил работно ангажиран. Откако осуденото лице ја отворило безбедносната врата, му ја вратило картичката на сопственикот, а потоа се оддалечило кон „зелената капија“. Нешто подоцна, при извршена проверка на бројната состојба, било констатирано дека осуденото лице недостасува, односно дека побегнало од затворот.

Истиот ден, околу 09.16 часот во казино на ул„Благоја Стефковски“, осуденикот извршил разбојништво со закана со пиштол, при што од вработениот одзел пари и избегал. За кусо време бил пронајден од страна на полициски службеници и лишен од слобода, а кај него биле пронајдени предмети кои потекнуваат од кривичното дело и еден пиштол „Чешка Зброевка ЦЗ 85“.